Во кои држави инфлуенсерите се најпопуларни? Одговорот ќе ве изненади!

Во кои држави инфлуенсерите се најпопуларни? Одговорот ќе ве изненади!

Културата на инфлуенсери често се поврзува со Соединетите Американски Држави, домот на некои од најголемите светски интернет-ѕвезди и платформи на социјалните медиуми. Но тоа е заблуда!

Следењето инфлуенсери е значително пораспространето во неколку земји од Африка, Азија и Латинска Америка.

Гана ја предводи светската листа, а по неа следуваат Филипините и Бразил. Соединетите Американски Држави, и покрај истакнатата улога во глобалната култура на социјалните медиуми, се наоѓаат далеку од првите десет.

Извештајот на Џи-Ви-Ај (GWI) за вториот квартал од 2025 година, објавен во публикацијата „Диџитал 2026 глобал овервју рипорт“, го мери уделот на корисници на социјалните мрежи на возраст од 16 и повеќе години кои следат инфлуенсери во 53 земји во светот.

Гана ја предводи глобалната листа


Гана е на врвот на листата со 46,8 отсто, а следуваат Филипините со 42,9 отсто и Бразил со 40,4 отсто. Тоа се единствените три земји во кои повеќе од 40 отсто од корисниците на социјалните мрежи следат инфлуенсери.

Јужноафриканската Република го зазема четвртото место со 35,2 отсто, а следува Тајланд со 32,9 отсто. Малезија, Нигерија и Индонезија исто така се меѓу првите десет.

Соединетите Американски Држави го заземаат 31. место со 21,4 отсто, веднаш пред Канада со 21,3 отсто. Уделот на корисници што следат инфлуенсери на Филипините е речиси двојно поголем отколку во САД.

На дното на листата се наоѓа Русија со само 7,5 отсто, па следува Турција со 11,4 отсто. Јапонија и Чешка делат удел од 14,4 отсто.

Уделот во Гана е повеќе од шест пати поголем отколку во Русија, што претставува разлика од 39,3 процентни поени.

Африка води

Регионалните просеци откриваат значителни разлики во навиките на следење инфлуенсери.

Африка предводи со 33,4 отсто, па следува Јужна Америка со 30,2 отсто. Европа е назад со 20 отсто, односно повеќе од 13 процентни поени зад Африка.

Сите пет африкански земји опфатени со истражувањето – Гана, Јужноафриканската Република, Нигерија, Кенија и Египет – бележат поголем удел на корисници што следат инфлуенсери отколку Соединетите Американски Држави.

Европа покажува спротивен образец. Само Норвешка, Португалија и Ирска го надминуваат светскиот просек од 22,6 отсто, додека преостанатите 20 истражувани европски пазари се под таа вредност.

Азискиот просек изнесува 24,9 отсто, но разликите меѓу пазарите се големи. Филипините предничат со 42,9 отсто, во споредба со 14,4 отсто во Јапонија и 15,8 отсто во Кина.

Северна Америка бележи просек од 23 отсто, при што мексиканските 26,2 отсто се многу повисоки од резултатите на Соединетите Американски Држави и Канада.

Поврзаност меѓу користењето на социјалните мрежи и следењето инфлуенсери


Земјите во кои интензивно се користат социјалните мрежи често се наоѓаат високо на листите за следење инфлуенсери.

Претходната анализа на „Вижуал капиталист“ за тоа во кои земји се поминува најмногу време на социјалните мрежи покажа дека Кенија, Јужноафриканската Република, Бразил и Филипините се меѓу водечките според секојдневното користење на тие платформи. Сите четири земји бележат и релативно висок удел на корисници што следат инфлуенсери, што упатува на можна поврзаност на тие две појави.

Сепак, овие листи го мерат само уделот на корисници на социјалните мрежи што следат инфлуенсери.

Извор: mreza
Фото: magnific