Дури сега, по 73 години, откриени последиците од атомското тестирање на дното на морето

Дури сега, по 73 години, откриени последиците од атомското тестирање на дното на морето

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Фотографиите ги знаат сите: голем облак во форма на печурка се издигнува над Тихиот Океан и ги уништува бродовите што се  намерно оставени таму за да се види моќта на нуклеарната војна.

Денес, 73 години подоцна, научниците се вратија на Бикини за да направат карта од морското дно. Кратерот сè уште е таму, како и остатоците од сите бродови.

- Бикини е избран бидејќи е оддалечен од сè, но има и голема и пристапна лагуна - вели водачот на истражувањето, Арт Трембанис од Универзитетот во Делавер.

- Во тоа време Боб Хоуп, инаку познат комичар, духовито рече дека веднаш по завршувањето на Втората светска војна го откривме единственото место на Земјата што остана недопрено и го кренавме во воздух.

Бомбата поставена на 27 метри длабочина имала сила од 21 килотон. Експлозијата исфрлила во воздухот два милиони тони вода, песок и корали претворени во прав. И покрај извонредното ослободување на енергијата, д-р Трембанис верувал дека поголемиот дел од морското дно е покриен со седимент.

1
Фото: NSA


Наместо тоа, неговиот интердисциплинарен тим од океанографи, геолози, поморски археолози и инженери затекнал јасно дефинирана депресија. Користејќи сонар, тие мапирале структура длабока 10 метри со дијаметар од 800 метри.

- Користевме напредна сонарна технологија; можевме да ја насликаме целата сцена. Природата и понатаму ни ја покажува раната што ја доби со бомбата - изјави д-р Трембанис.

Всушност, биле направени две американски тестирања наречени „Ебл“ и „Бејкер“. И двете биле спроведени на ист атол, а операцијата се нарекувала „Кросроудс“. За тестирањето „Бејкер“ била искористена атомска бомба наречена „Хелен оф Бикини“.

- Се чини дека Земјата лично ја удри капетанот Марвел - изјави д-р Трембанис.

- Сакавме да ја спуштиме завесата и навистина да откриеме што се случи таму, а тоа не било направено во последните 30 години. Во тоа време нуркачите можеле да влезат во тоа подрачје, но движењето им било ограничено бидејќи немало современа технологија - вели д-р Трембанис.

Овој пат користеле напредна сонарна технологија, па добиле и снимки од целата површина и од последиците.

- Првото истражување кон крајот на 80-тите години, гледано од денешна перспектива, е како да го заобиколите Големиот Кањон со светилка. Денешните истражувања се како да го заобиколите Големиот Кањон среде сончев ден - вели Термбанис.

- Можевме да ги видиме потопените бродови, можевме да го видиме кратерот што и понатаму постои и дека природата ни ја покажува својата рана - вели истражувачот.

Неверојатно е што кратерот има структура што личи на ливчиња од роза. Тоа е доказ дека целиот материјал прво бил фрлен во небото, а потоа потонал и се ширел во морското дно.



Дел од мотивацијата за истражувањето било подобро разбирање на континуираното влијание на околината. Иако нивоата на радијација се значително намалени, постојаната опасност од загадување ја шират бродовите што биле намерно потопени.

Бродовите, кои биле од американските, јапонските и германските стари морнарски флоти - воопшто не биле подготвени дека еден ден ќе бидат потопени и претворени во вештачки гребени. Наместо тоа, сценариото на воени игри барало тие да се остават на место каде што ќе се фрли атомска бомба.

- И сега се шири мирисот на нафта од американскиот носач. Нагато - јапонскиот брод што се користел за планирање на нападот на Перл Харбор, има гориво што и денес излегува од него и се шири на неколку километри.