Факти или секојдневие: Ќе научиме ли вистински да дебатираме и да се разбереме како луѓе?

Факти или секојдневие: Ќе научиме ли вистински да дебатираме и да се разбереме како луѓе?

Во основа ние не се однесуваме според некоја апсолутна вистина или докажан факт, туку сме водени од нашите убедувања, предрасуди кои, пак, се креирани од нашите претходни искуства, стравови, влијание кое го имаме од околината, родителите, а особено од медиумите и круговите во кои се движиме

Автор: Д-р Мими Пехчевска, експерт за личен и организациски развој

Дебати на сите страни, се разговара мирно или се караме гласно, со или без факти, секој си верува во својата вистина. Во јавноста сечија перцепција е реалност. Секој си турка своја верзија од приказната како да е непобитен факт она што ќе го чуеме или видиме околу нас. И, секако, нема логика за сè да правиме детални истражувања, за тоа што е вистина, а што лага. Па дури и кога постојат истражувања со докажани научни факти, еднаш добиваме научна потврда, за подоцна истата да биде негирана. Во меѓувреме била откриена друга научна вистина базирана на нови докази. И тогаш се прашуваме - дали вистината е секогаш константна? Дали вистината всушност не е релативна?

Лично верувам дека она што го активира нашето однесување за нас е доволно силен факт, доволно битен, без разлика дали е проверен или не, елабориран или не, научно потврден или не. Само кога силно веруваме во нешто, силно убедени, само тогаш силно можеме да ја насочиме сопствената енергија и да го одбраниме нашиот став. Па така и при носење на секоја моментална одлука, личната перцепција, односно нашите вредности и убедувања се исто толку влијателни колку што е и еден докажан факт. Прибираме информации, пишани, проговорени, заклучоци базирани на лични ставови, па носиме одлуки кои, пред сè, се базирани на нашите лични впечатоци.

Постојано слушам дебати околу мене, на моите пријатели, колеги, околу тоа кој е болен или е здрав, како се заразил или не се заразил, дали е докажан со тест или има само симптоми, што ја потврдува, а што ја негира состојбата во која се наоѓаме. Кој е во право, а кој греши?

Во основа ние не се однесуваме според некоја апсолутна вистина или докажан факт, туку сме водени од нашите убедувања, предрасуди кои, пак, се креирани од нашите претходни искуства, стравови, влијание кое го имаме од околината, родителите, а особено од медиумите и круговите во кои се движиме. Всушност, можеби несвесни за ова, но носиме одлуки кои не се базирани на факти, а нè тераат да се однесуваме како да се.

И можеби сето ова погоре и нема да биде толку битно доколку истото директно не влијае врз релациите со луѓето околу нас, врз секојдневната комуникација со луѓето со кои делиме најголем дел од нашето време. Водени од нашите убедувања така реагираме и кон партнерот. Се караме и убедуваме, се однесуваме како сето да е базирано на непобитен факт.

Па така гласно размислувам, дали треба да веруваме во сè што ќе го прочитаме или чуеме како вест? Дали сме размислиле дека можеби сето е базирано на нечие влијание кое ни самите не сме успеале да го филтрираме? Постои ли начин секогаш при носењето одредена одлука да консултираме второ и трето мислење, и тоа не кое било, туку од оние на кои навистина им веруваме. А ако тие пак нè убедуваат дека животот е безуспешна борба и дека е невозможно да се биде среќен ако не ни е судбински запишано, тогаш повторно да провериме во што сакаме да веруваме.

Дури тогаш ќе можеме да ја кренеме цивилизациската свесност за едно скалило погоре, вистински да дебатираме за да можеме да се разбереме меѓу себе... како луѓе!

*Авторката е и професионален тренер за личен и организациски развој и кариерен советник