Добила отказ затоа што упорно доаѓала многу рано на работа
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
22-годишна девојка од Шпанија била отпуштена од работа затоа што две години доаѓала на работа многу порано од почетокот на смената. Изненадена и налутена од одлуката, таа ја тужела компанијата. Но судот пресудил против неа.
Таа редовно пристигнувала на работа околу 40 минути пред да започне смената, односно меѓу 6:45 и 7 часот наутро. Така правела околу две години, иако нејзиниот менаџер повеќепати ѝ укажувал да доаѓа навреме, а не многу рано. Работодавецот се чувствувал непријатно затоа што таа немала што да работи во тој период.
Незадоволниот менаџер на крај решил да ја отпушти поради „сериозно несовесно однесување“. Работодавецот изјавил дека со тоа што доаѓала прерано таа не била попродуктивна, туку едноставно не ги следела инструкциите дадени од претпоставените.
Девојката поднела тужба до Социјалниот суд во Аликанте, тврдејќи дека е неправедно отпуштена. Меѓутоа, по увидот во доказите за повеќекратните писмени и многубројните усни опомени, судот застанал на страната на компанијата.
Жената, наводно, се обидувала да се најави преку службената апликација пред да пристигне на работното место, што предизвикало сомнежи. Менаџерот ја обвинил за нарушена доверба, а судот утврдил дека таа покажала образец на нелојалност.
Во пресудата се наведува дека го прекршила член 54 од шпанскиот статут за работници.
Извор:
Gulfnews.com
Фото: Pexels