„Напуштени“ - нова вестерн-серија со Џилијан Андерсон која се искачува на топ-листите на гледаност

„Напуштени“ - нова вестерн-серија со Џилијан Андерсон која се искачува на топ-листите на гледаност

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Без разлика во кој филм или серија се појавуваат Џилијан Андерсон („Сексуално образование“) или Лена Хеди („Игра на тронови“), тие секогаш нудат одлични изведби и блескаат во силни женски главни улоги. Најновиот проект од овие две признати актерки сега се емитува на „Нетфликс“: вестерн-серијата „Напуштени“, каде што две жени се судираат околу нивните различни визии за животот и моќта во суровата територија на Вашингтон во 1854 година.

По успехот на хитовите „Јелоустоун“ и „1883“, публиката ги засака модерните приказни за Дивиот Запад, а новата вестерн-драма од Курт Сатер, креаторот на култната серија „Синови на анархијата“, пристигна на „Нетфликс“ и веднаш се искачува на врвот на листите на популарност.

Заплетот на серијата


Серијата е за семејството и како тоа се дефинира: дали семејството е дефинирано само според крвни врски или е „избрано семејство“, група истомисленици, со иста вредност? Две такви семејства се Ван Нес и Нолан - првите се поврзани по крв, а вторите се група неприспособени сирачиња и отпадници кои се здружуваат за да преживеат. Двете семејства ја делат карактеристиката да бидат предводени од строг матријарх кој го сака само најдоброто - идеална иднина за своето семејство.

И во тоа лежи проблемот во „Напуштени“: водачите на двата клана не можат да се поднесат еден со друг - и тоа го докажуваат со брутална сила. Фиона Нолан (Лена Хеди) е побожна, пријателски настроена и води ранч за добиток со своето избрано семејство на тогаш ретко населената територија Вашингтон. На нејзината земја има наоѓалиште за сребро, кое безмилосната Констанс ван Нес (Џилијан Андерсон), вдовица и матријарх на локална династија, очајно сака да го искористи. Но, Нолан одбива да ја продаде својата земја, тврдејќи дека Бог им ја дал нејзе и на нејзиното семејство. Ван Нес потоа е принудена да посегне по построги методи за да ја постигне својата цел.

Но, не станува збор само за парите, туку и за љубовта. Имено, меѓу возрасните деца на двете непопустливи жени се развиваат апсурдни љубовни врски. По сите препирки, на крајот, се појавува фатален пожар што менува сè...


Ѕвездената екипа на серијата

Покрај двете актерски големи имиња, Џилијан Андерсон и Лена Хеди, серијата има импресивна екипа. Посвоените деца на Фиона ги играат Ник Робинсон (Елијас), Дајана Силверс (Далија), Ламар Џонсон (Алберт) и Наталија дел Риего (Лила Бел). Семејството Ван Нес, покрај Џилијан Андерсон, го сочинуваат Лукас Тил како амбициозниот син Гарет, Ајслинг Франчиози како бунтовната ќерка Триша и Тоби Хемингвеј како најстариот, импулсивен син Вилем.

Во споредните улоги се појавуваат познати лица како Рајан Херст („Синови на анархијата“), Микел Хаусман („Игра на троновите“) и Патон Освалт како градоначалникот.

Серијата „Напуштени“ е достапна на „Нетфликс“ од 4 декември. Серијата има седум епизоди, секоја трае околу еден час, и сите се достапни веднаш - совршено за маратонско гледање.

Извор: miss7.24sata.hr

Фото: YouTube screenshot