СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Даница Петличкова (77) завршила Виша економска школа во 1969 година, а потоа и Економски факултет во Прилеп: „Професорите нѐ учеа да бидеме чесни и некорумпирани економисти“

СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Даница Петличкова (77) завршила Виша економска школа во 1969 година, а потоа и Економски факултет во Прилеп: „Професорите нѐ учеа да бидеме чесни и некорумпирани економисти“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк преку рубриката „Студентски мемоари“ реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.

Да се биде студент во шеесеттите години значеше да се учи посветено, да се има респект кон професорите и со елан да се гледа кон иднината затоа што најголемиот дел од студентите сонуваа да помогнат во развојот на татковината, вели Даница Петличкова (77), која во 1969 година ја завршила Вишата економска школа во Прилеп, а неколку години подоцна, кога прераснала во високообразовна установа, и Економскиот факултет.

Сакала да стане градежен инженер, но ја засакала економијата

Петличкова го мина работниот век како дипломиран економист, беше меѓу првите жени финансиски директори во Битола. Ги водеше финансиите на здравствените установи во градот, а денес како пензионерка го води Здружението на пензионери од Битола.

- Како млада сон ми беше да станам градежен инженер. Бев подготвена и на 14 години од Битола да заминам да учам во средното градежно училиште во Скопје. Конкурирав и бев примена, но во 1963 година фати земјотресот во Скопје и сите документи ми пропаднаа. Таа година требаше или да паузирам или да се пренасочам кон друго школо. Отидов да се запишам во средното медицинско училиште во Битола, но тој ден се погоди да биде затворено. Слегувајќи надолу наидов на средното економско и си реков тука ќе се запишам. Ме пречека секретарката, па ѝ кажав дека немам документи, а школската година почнува и сакам да продолжам со образованието. Ми рече да донесам дополнително документи и ме запиша - раскажува Петличкова.



Работела 6 месеци во фабрика за да си ги плати студентските трошоци

Во текот на учењето Даница ја засакала економската струка. Кога завршила средно, семејството, кое не било многу имашливо, немало средства да ја пушти да студира во Скопје, па таа одлучила да се запише на Вишата економска школа во соседниот град, Прилеп. Работела во фабрика за да собере доволно средства да може да ги плати превозот и другите трошоци околу студирањето.

- Шест месеци работев во Фабриката за шеќер во Битола, кога беше кампањата за преработка на шеќерната репка. Во три смени работев и собрав пари да можам да патувам до Економскиот факултет во Прилеп и да ги подмирам другите трошоци. Секако дека ми помагаа и родителите. Но, имавме и олеснителни околности зашто како студенти вадевме месечна карта која беше поевтина - се присетува Петличкова.

Секој ден патувала за да ги слуша предавањата на Вишата школа.
- Имаше редовно автобуси, а патот од Битола за Прилеп беше подобар отколку сегашниот. Воедно функционираше и железницата, возниот ред беше точен. Наутро одевме со возот, попладне се враќавме - додава таа.



За време на студирањето немало протекции

- Родителите не ми беа познати или некои функционери, па да фаќаат врски, како што имаме денес. Морав да се потпрам на моето знаење. Учев и испитите ги земав редовно, без никакви пријателски врски. Тоа што не доаѓав од поимашливо семејство или семејство на некои познати функционери не се одразуваше врз мојот успех. Врз него влијаеше само моето знаење - вели Петличкова.

Во тоа време имало многу студенти. Амфитеатарот и предавалните биле полни, па се случувало за испити да ги носат и во спортски сали.

- Дел од предметите ги полагавме прво писмено, па усно, а имаше и предмети кои ги полагавме само усно пред професорот. Сите бевме еднакви. Три дена пред испит чувствував мачнина бидејќи имав големи очекувања од себе и сакав добро да бидам подготвена. Мислам дека ние бевме многу подобро потковани со знаење иако немавме интернет, нити онлајн полагања - заклучува Петличкова.

Професорите биле редовни на предавањата. Користеле табли, запишувале, студентите фаќале белешки, а потоа ги добивале и скриптите да препишат што треба.

- Најважно од сѐ беше тоа што нѐ учеа да бидеме чесни, да водиме сметка за буџетите, да биде точно пресметаното, да бидеме некорумпирани - нагласуваа таа.



Меѓу првите жени финансиски директори на здравствени установи во државата

Откако ја завршила Вишата, по неколку години ги зела вонредно и другите испити на Економскиот факултет. Се сеќава дека за дипломска имала задача да направи финансиски план како Фабриката за шеќер да ги надмине загубите и да продолжи успешно да работи.

Дипломирала, но првото вработување ѝ било на работно место со средно образование. Работниот век го започнала во Здравствениот дом во Битола, во тоа време Медицински центар „Д-р Трифун Пановски“, па потоа во Битолската болница и на крај во Заводот за здравствена заштита. Постепено напредувала и станала финансиски директор. Од 35 години работен стаж, повеќе од половината го минала како финансиски директор.

- Работата што ја извршувавме со мојот тим тогаш беше потешка отколку денес зашто се работеше рачно, со машини. Кога имавме завршни сметки, останувавме и надвор од работното време. Имаше дисциплина, почит и кон вработените и од вработените кон мене. Се менуваа директори, а јас останував сѐ додека не дојде повеќепартискиот систем, потоа работите се променија - вели таа.

Денес е претседателка на Здружението на пензионери од Битола, единствената жена на раководно место откако постои Здружението, цели 79 години.

фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.