Ова се хобија што можат да ви го продолжат животот
Листата со работи што можат да ни го продолжат животот е долга, велат експертите, бидејќи обично ја сметаме долговечноста за нешто што е определено од генетиката или исхраната. Сепак, важно е и она што го правиме за забава. Наоѓањето време за работите што ги сакате не е важно само за вашето уживање, туку и за вашето здравје. Студиите покажуваат дека занимавањето со хоби е добро за вашето физичко здравје и вашето расположение.
Која е вашата област на интерес?
За да биде хобито ефикасно, важно е да не биде комплицирано. Може да биде нешто едноставно како градинарство или редовна социјализација и активности со пријатели. Ако не сте сигурни од каде да почнете, тогаш прво поставете си го прашањето: Што ве интересира?
- Откако ќе утврдите која е вашата област на интерес, постојат безброј можности да го практикувате тоа во живо или преку интернет. Имањето хоби не е само нешто што е убаво или модерно, туку е неопходно за здравјето и долговечноста - тврди д-р Кери Бернајт, авторка на бестселерот „Уметноста и науката на просперитетот во втората половина на животот“. И ова, според нејзиното мислење и мислењето на други експерти, се најдобрите хобија за долговечност:
Градинарство
Епидемиологот д-р Дебора Кадо, која ги води истражувањата на одделот за геријатрија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Стенфорд“, се грижи за стари лица речиси 30 години. Едно од хобијата што таа забележала дека може да има врска со долговечноста е градинарството бидејќи целта е да се грижи за нешто што треба да расте и да напредува.
Физичка активност
За подолг и поздрав живот, д-р Џесика Шеферд, гинеколог и експерт за женско здравје, советува тренинг за сила во вашата дневна рутина, за подобрување на здравјето на мозокот и мускулната сила. Во исто време, овие вежби помагаат да се одржи посакуваното ниво на шеќер во телото. Д-р Кадо вели дека вклучувањето редовна физичка активност во денот, како што се танцување, пливање, планинарење или одење, може да биде фактор за здрава долговечност.

Пеење или свирење
Д-р Кадо истакнува дека уште две хобија се поврзани со здрава долговечност - пеењето и свирењето музика. И двете вклучуваат учење, создавање нешто и уживање во процесот.
Социјализација
Редовното споделување активност со некого, барем еднаш неделно, е друго хоби за кое д-р Кадо сугерира дека може да биде поврзано со долговечноста. Експертите од Фондацијата за истражување на Алцхајмеровата болест „Фишер“ веруваат дека социјалните интеракции се клучни за здраво стареење.
Волонтирање
Без разлика дали сте заинтересирани за работа со деца, грижа за напуштени животни или бездомници, сигурно ве чека можност за волонтирање. Всушност, според една студија, луѓето на возраст од 70 години и постари кои често волонтираат - живеат подолго од нивните врсници што не учествуваат во такви социјални активности.
Уметност и занаети
Разбудете ја вашата креативност со уметничка активност. Изберете сликарство, плетење или везење, фотографија или што било што ве интересира и создајте го вашето ремек-дело.
Наспијте се
Кој вели дека спиењето не може да биде хоби? Д-р Шеферд вели дека со подобрување на нашите модели на спиење и навики можеме да го намалиме ризикот од хронични и други болести, да ја подобриме нашата свест и да ги ресетираме нашите митохондрии. Покрај тоа, експертите од клиниката „Мајо“ информираат за неодамнешната студија која покажала дека мажите што добро спијат живеат 5 години подолго од оние што не спијат доволно. За жените, доволно квалитетен сон носи плус две години живот.
Извор: eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik