Зошто токсичните мисли доведуваат до ерозија на психолошкиот имунитет?
„Подобро да ја програмираме свеста отколку да ја репрограмираме потсвеста“
Мислите, особено токсичните, т.е. нивното активирање, енергизирање, процесирање, рефлексија и динамизирање на однесувањето на личноста, отсекогаш претставувале вистинска енигма не само во лаичките кругови, туку и за експертската јавност.
Каква е улогата на токсичните мисли во потсвеста?
Многу малку, барем досега, се зборува за концептот кој ја поврзува улогата на потсвеста, токсичните мисли и хормонската (дис)хармонија со психолошкиот имунитет и ја отвора патеката кон ментална стабилност и адаптивна отпорност. Тоа се токсичните хронични, автоматизирани, когнитивни обрасци кои се карактеризираат со негативна самопроцена, перманентна закана и емоционална ригидност. Нивната суштинска улога не е само психолошка, туку и психофизиолошка, тие се вградуваат во потсвеста и стануваат автоматски и постепено го нарушуваат психолошкиот имунитет. Тие ја намалуваат емоционалната саморегулација, ја зголемуваат анксиозноста и ја ограничуваат когнитивната флексибилност. Тоа создава состојба на хронична психичка подготвеност за закана, психолошка исцрпеност, намалена отпорност на стрес и појава на психосоматски нарушувања.
Кој е клучниот ризик на токсичните мисли?
Тоа е нивната невидливост, тие често функционираат под прагот на свесната перцепција, силната деструктивна енергија, што им овозможува да дејствуваат долгорочно и тивко. Во последно време современата психолошка наука и невронаука ја истакнува фундаменталната улога на мислите како активни биолошки сигнали. Тие ја објаснуваат динамиката помеѓу потсвесните негативни мисли, хормонската дисрегулација и постепената ерозија на психолошкиот имунитет.
Зошто е важно што мислиме, како мислиме и што „ставаме“ во нашата потсвест?
Затоа што мислите кои свесно ги негуваме, особено оние исполнети со страв, вина, самокритика или катастрофизација, со текот на времето се вградуваат во потсвеста. Подоцна тие почнуваат да функционираат автономно, надвор од свесна контрола. Токму тогаш настанува ризикот од мисловна токсичност, кога негативните свесни мисли стануваат хронични, тие ја активираат стресната хормонска основа и постепено го деградираат нашиот психолошки имунитет.
Што е потсвеста?
Таа е невидлив динамичен систем кој складира и автоматски интегрира когнитивни шеми, мисли и емоции кои ги регулираат психофизиолошкиот имунитет и адаптивната стабилност на умот. Затоа што потсвеста не „киднапира“ свесни мисли во буквална смисла, туку ги присвојува опсесивните свесни когнитивни обрасци и ги трансформира во автоматизирани шеми. Така, потсвеста ги користи свесно создадените мисловни содржини како „материјал“ за сопствено одржување, често во форма на дезинтегративни емоционални и физиолошки процеси и реакции. Во овој процес свеста несвесно ја храни сопствената психолошка ранливост, додека потсвеста ги репродуцира истите мисловни инструкции како автоматизирана навика. Затоа е важно да се нагласи принципот дека свеста мора да се програмира превентивно бидејќи потсвеста не создава содржина, таа го повторува она што ѝ е дадено. Или со други зборови, „потсвеста не нè саботира, туку само многу лојално ги извршува мислите што свесно ѝ ги даваме.“ Негативните мисли што се депонираат во нашата потсвест се потиснуваат или повторуваат во потсвеста создаваат „мисловна токсичност“ која доведува до ерозија и пад на психолошкиот имунитет. Многу пати негативни потсвесни мисли го активираат стресниот хормонски систем и ја еродираат психолошката отпорност. Познато е дека хроничниот психолошки стрес и опсесивните негативни мисли директно го зголемуваат нивото на кортизол и адреналин предизвикувајќи хормонска дисрегулација, истакнува Slavich (2016). Од друга страна, авторите Cohen и Janicki-Deverts (2009) укажуваат дека субјективната перцепција на стресот директно влијае врз имунолошката функција. Додека Kemeny (2012) ја истакнува улогата на потсвесни мисловни шеми во нарушување на хормонската рамнотежа. На сличен начин размислува Sapolsky (1998), кој документира дека хроничниот кортизол предизвикува ерозија на адаптивниот имунитет.
На крајот заклучуваме дека потсвеста е автономен систем кој ги интегрира, трансформира и репродуцира мислите што свесно ги внесуваме. Свесниот ум треба да избегнува да ја храни потсвеста со хронично негативни мисли бидејќи таа ги усвојува како автоматизирани обрасци за „свои потреби“. Заштитата на психолошкиот имунитет не се постигнува со репрограмирање на потсвеста. Тоа се постигнува со свесно и превентивно програмирање на мислите, кои ги обликуваат емоционалниот, когнитивниот и физиолошкиот одговор. Затоа свесниот ум треба да стане водич за потсвеста. Создавајќи систем на ментална и емоционална стабилност, тој ќе ја превенира токсичноста на мислите и ќе ја зајакнува психофизиолошката хомеостаза.
Автор: проф. д-р Љупчо Кеверески