Најважниот „тим“ на Олимписките игри не е држава, туку мерачите на време

Најважниот „тим“ на Олимписките игри не е држава, туку мерачите на време

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во натпревари што се решаваат со делови од секунда, на „Омега“ ѝ е доверено секогаш точно да го измери резултатот.

Американската скијачка Бризи Џонсон стоеше на целта и водеше во женски спуст кога Германката Ема Ајхер се стрча по патеката во Кортина д’Ампецо, намалувајќи ја разликата.

Но речиси веднаш штом предниот дел од телото на Ајхер ја пресече целта и го активира системот за мерење време, Џонсон знаеше дека победата е нејзина. Таблите веднаш покажаа: 1: 36,14 секунди, четири стотинки зад неа.

Џонсон освои злато, Ајхер сребро, а нивните кариери засекогаш ги одреди таа ситна разлика, измерена од најважниот олимписки тим за кој речиси никој не знае - мерачите на време на „Омега“.

- Се гордееме со тоа што го работиме, но истовремено тоа нè прави и многу скромни. Знаеме дека не смееме да направиме ниту една грешка - вели Ален Зобрист, извршен директор на „Омега тајминг“.

Откако швајцарската компанија испрати вработени со 30 стоперки на Олимписките игри во Лос Анџелес во 1932 година, нивната работа стана огромен високотехнолошки систем. Делегација на компанијата веќе е во Лос Анџелес за подготовките за Игрите во 2028.

Нивната работа за Олимпијадата во Милано-Кортина започнала пред три години. Причината е едноставна - секој резултат мора да биде совршен.

Во најинтензивните моменти, при фотофинишот, оператор го гледа мониторот со снимки од камерите кои прават 40.000 фотографии во секунда. Потоа рачно поставува курсор на точката каде што натпреварувачот официјално ја минува линијата. Кај различни спортови тоа е различно.

- Не е тешко да научите како да работите со камерата. Она што не можете да го научите е притисокот. Замислете финале на 100 метри. Милијарди луѓе чекаат резултат. А вие знаете дека не смеете да згрешите - вели Зобрист.


На Олимписките игри во 2014 година, финалето на 1.500 метри брзо лизгање било решено со три илјадити делови од секундата, околу сто пати побрзо од трепкањето на очите.

„Омега“ може да мери и до милионити делови од секунда, иако спортовите засега бараат стотинки или илјадинки. Но мерењето време е само дел од задачата.

Фановите во арените се потпираат на операторите на „Омега“ кои пренесуваат статистика за натпреварите на таблите за резултати. Фановите кои гледаат телевизиски пренос на Игрите ќе ги видат графиките што „Омега“ им ги обезбедува, создадени со комбинација од специјално развиени камери, технологија за компјутерски увид и вештачка интелигенција.

Првата графика прикажана на телевизија на Олимпијада била благодарение на „Омега“, во 1964 година.

Џонсон достигна максимална брзина од 128,75 километри на час на спуст-трката во неделата, што беше пренесено во реално време благодарение на два различни сензори што „Омега“ ги постави на нејзините чизми, собирајќи 2.000 податоци во секунда. Тие ги следеа забрзувањето, траекторијата и други показатели.

А кога уметничкиот лизгач Илија Малинин изведе четворен аксел во неделата, 14 камери поставени низ арената користеа технологија за компјутерски увид за да ги следат неговите движења. Се утврди дека тој го започнал скокот со брзина од 15,08 километри на час, со агол на сечилото на лизгалката од 96 степени и достигнал максимална висина од 0,54 метри.

Единствениот уред што „Омега“ го користи на Олимпијада и кој не се променил од 1932 година е металното ѕвонче со кое се означува последниот круг на трката.

Извор: Nbcnews.com 
Фото: Omega