НАСА ги избришала снимките од слетувањето на Месечината? Конечно откриена вистината за „исчезнатите“ снимки од „Аполо 11“

НАСА ги избришала снимките од слетувањето на Месечината? Конечно откриена вистината за „исчезнатите“ снимки од „Аполо 11“

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Веста дека оригиналните, висококвалитетни снимки од слетувањето на „Аполо 11“ на Месечината биле избришани, откако биле складирани во необележан складиштен објект на НАСА, со години поттикнува сомнежи и теории на заговор. Додека други снимки од историската мисија од 1969 година преживеале, откритието дека барем дел од видеото исчезнало дополнително ги поттикнало тврдењата дека НАСА го прикрива она што го виделе астронаутите - па дури и дека целата мисија била инсценирана.

Но, според Тим Дод, попознат како „Секојдневниот астронаут“ на „Јутјуб“, приказната за „избришаните“ снимки е многу помалку драматична отколку што прикажуваат теориите на заговор. Појавувајќи се во поткастот на Дени Џонс, Дод детално објаснил што се случило со изгубените снимки.

Резервни копии, а не единствениот доказ

Дод истакнува дека изгубениот материјал не бил единствената снимка од слетувањето на Месечината, туку збир од резервни магнетни ленти што го содржеле преносот од вселената. Според него, НАСА ги сметала овие резервни копии за помалку важни бидејќи сите основни податоци, видео- и радиосигнали биле успешно пренесени во Хјустон и емитувани во живо на телевизија.

Резервните копии од историската мисија „Аполо 11“ подоцна биле преснимени кога НАСА повторно ги употребила постарите магнетни ленти во 70-тите и 80-тите години поради недостаток на вакви филмски ролни. Во тоа време никој не предвидувал дека идната технологија ќе овозможи значително подобрување на резолуцијата на оригиналниот материјал, што е технички изводливо денес.


- Тие не можеа да замислат свет каде што можеме повторно да ја скенираме и значително да ја зголемиме резолуцијата на тој материјал, бидејќи во тој суров формат би била многу почиста - истакнал Дод.

Како стигнал сигналот од Месечината до Земјата

Дод, кој објавува едукативна содржина за ракети, истражување на вселената и историја на НАСА на својот канал,  ја објаснил техничката заднина на преносот. Преносот во живо од Месечината бил испратен до приемните станици, вклучувајќи една во пустината Мохаве во Калифорнија, а потоа поделен на два одделни сигнали. Едниот бил насочен во Контролата на мисијата во Хјустон за следење во реално време, каде што биле снимени сите телеметриски податоци за состојбата на вселенското летало, како и аудио и видео.

Видеопреносот во Контролата на мисијата бил конвертиран од месечевиот формат на „бавно скенирање“ во стандарден НТСЦ телевизиски формат, со помош на метод наречен кинескоп. Ова значело дека вселенската агенција едноставно го снимала мониторот со камера, за содржината да може да се емитува на телевизија. Токму оваа конвертирана верзија биле емитувана во јавноста во 1969 година. Иако била со понизок квалитет од оригиналниот материјал зачуван на магнетни ленти, Дод вели дека материјалот бил „доволно добар“ во тоа време.

Другиот сигнал содржел сурова резервна копија, која била снимена директно на големи магнетни ленти, широки околу 12 инчи, како џиновски касети.

НАСА гледала на лентите како на безбедносна мрежа, во случај на прекин на врската помеѓу „Аполо 11“ и Хјустон. Во случај на криза, агенцијата ќе морала да ги анализира суровите податоци за да утврди што тргнало наопаку. Но, таква ситуација не се случила.

- Тие имаа пренос. Не е како преносот да се прекинал и тие го изгубиле сигналот. Би било одлично ако сè уште ги имавме тие ленти, ако можевме да ги задржиме тие резервни копии. Имавме 45-минутен прекин затоа што нашата антена падна или нешто слично - рекол Дод.


Сè уште има илјадници часови докази

И покрај губењето на некои од резервните копии, НАСА сè уште има илјадници часови податоци што потврдуваат дека првото слетување на Месечината навистина се случило. Ова вклучува верзии со понизок квалитет на телеметриските податоци, аудио и видео од архивата во Хјустон. Дополнително, Дод истакнува дека агенцијата сè уште има исклучително јасни 70-милиметарски филмски снимки направени од камерите што ги користеле астронаутите на Месечината. Ова е филмски формат кој, дури и 57 години подоцна, сè уште се користи во ИМАХ продукции.

Дод вели дека тврдењата дека НАСА намерно ги избришала снимките од слетувањата на Месечината се погрешно протолкувани.

Најтешкото прашање за скептиците: Зошто мисиите престанале?

Сепак, Дод признава дека скептиците имаат едно прашање на кое не е секогаш лесно да се одговори: Зошто мисиите на Месечината престанаа во 1972 година?

Тој истакнува дека вистинската причина е огромната економска цена за изградба и лансирање на ракетите „Сатурн V“ на Месечината. Тој додава дека имало уште три ракети и опрема и екипажи подготвени за нови мисии, но на крајот преовладала процената дека продолжувањето на програмата не се исплатела.

- Имавме уште три ракети, опрема и екипаж за тоа, и само рековме: „Ех, не вреди“. Тоа е она што ме фрустрира - заклучил тој.

Приказната за „избришаните“ ленти, според достапните објаснувања, се сведува на комбинација од технички временски ограничувања, административни одлуки и тогашната тековна процена на вредноста на архивскиот материјал, а не на прикривање на историска измама.

Извор: klik.hr

Фото: Freepik