Се воведува нова опција во „Гугл мапс“ - вештачка интелигенција ќе ви го планира патувањето

Се воведува нова опција во „Гугл мапс“ - вештачка интелигенција ќе ви го планира патувањето

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

„Гугл“ воведува функција наречена „Еск мапс“ базирана на „Џеминај“, која овозможува создавање комплетен план за патување.

„Гугл“ во последниве години интензивно го интегрира „Џеминај“ во своите сервиси, а следен на ред е „Гугл мапс“. Апликацијата наскоро ќе добие нова функција наречена „Еск мапс“, која ќе им овозможи на корисниците своите идеи директно да ги претворат во конкретен план за патување.

Со анализа на кодот е потврдено дека „Гугл“ планира над мапата да додаде посебно копче „Еск мапс“. Со клик на него ќе се отвори интерфејс сличен на чет-прозорец на „Џеминај“, во кој корисникот ќе може да внесе желби или параметри за патувањето. Во тест-верзијата функцијата е опишана како алатка која со помош на „Џеминај“ ги претвора идеите во авантура.

„Еск мапс“ носи ВИ-планирање на маршрута

Иако функцијата засега не работи целосно и не може да се тестираат сите опции, според начинот на функционирање на „Џеминај“ може да се претпостави дека корисниците ќе внесуваат дестинација, начин на превоз, буџет, временска рамка или посебни барања, а вештачката интелигенција ќе генерира комплетен предлог за маршрута и активности.

Од кодот на апликацијата се насетува дека „Гугл“ најпрво ќе ја понуди новата функција како експериментална опција на ограничен број корисници. Тоа значи дека дел од корисниците наскоро би можеле први да ја испробаат „Еск мапс“, додека поширока достапност се очекува по фазата на тестирање.

Доколку имплементацијата биде успешна, „Гугл мапс“ би можел да прерасне од класична навигациска апликација во личен ВИ-асистент за планирање патувања, со што дополнително ќе се избрише границата меѓу пребарувањето, навигацијата и интелигентната организација на секојдневните активности.

Извор: Nova.rs 
Фото: Freepik