Американец се соочува со казна од 15 години затвор за нелегално дистрибуирање филмови пред да бидат објавени

Американец се соочува со казна од 15 години затвор за нелегално дистрибуирање филмови пред да бидат објавени

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Американските власти го уапсиле 37-годишниот Стивен Хејл од Тенеси под обвинение за пиратерија на интернет. Според американското министерство за правда, Хејл украл „блу реј“ дискови и дивидија од компанија која работи со големи филмски студија и ги дистрибуирал онлајн, пред официјалните датуми на прикажување на филмовите.

Се тврди дека Хејл работел во производствен објект за дистрибуција на филмови, каде што во периодот од февруари 2021 година до март 2022 година, тој украл копии од филмовите како што се „Дина“, „Брзи и бесни 9“, „Веном 2“, „Годзила против Конг“ и „Спајдермен: Пат без враќање“. Истрагата покажува дека Хејл незаконски го заобиколил шифрирањето што го спречува копирањето на филмовите и ги дистрибуирал преку интернет.

Иако „понудата“ на Хејл вклучувала многу филмови, особено внимание привлекол „Спајдермен“, кој, според процените на министерството за правда, е незаконски симнат десетици милиони пати, наводно предизвикувајќи штета на филмските студија од неколку десетици милиони долари.

Како што објави „Арс техника“, по обвинение за две кривични дела за кршење авторски права и едно кривично дело меѓудржавно дистрибуирање на украдени стоки, Хејл се соочува со можна казна затвор до 15 години - пет години за првото дело и дополнителни 10 години за второто.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik