Луѓето со хронична болка имаат високи нивоа на депресија и анксиозност, покажува светско истражување

Луѓето со хронична болка имаат високи нивоа на депресија и анксиозност, покажува светско истражување

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Новата анализа на 376 објавени студии заклучува дека поврзаноста помеѓу хроничната болка и стапката на депресија и анксиозност е многу голема. Студијата, предводена од истражувачите од „Џонс Хопкинс медицина“, покажала дека 40 отсто од возрасните со хронична болка доживеале клинички значајна депресија и анксиозност. Меѓу најзагрозените се жени, помлади возрасни и лица со фибромијалгија.

Со децении истражувањата обезбедуваат докази за јасни врски помеѓу болката и расположението, но авторите на новата студија велат дека нивоата на нивната истовремена појава претставува значајна загриженост за јавното здравје, а тоа доведува до потреба од рутински скрининг во клинички услови, подобар пристап до специјализирана нега и развој на иновативни терапии.

Историски, студиите покажуваат дека луѓето со хронична болка и депресија и анксиозност немаат постојан пристап до специјализирани клиники за болка фокусирани на акутна болка и рутински се исклучени од клиничките испитувања за управување со болката.

Хроничната болка, опишана како болка која трае повеќе од три месеци, може да биде состојба која изнемоштува. Според Центрите за контрола и превенција на болести, околу 20,9 отсто од возрасните во САД (51,6 милиони луѓе) доживеале хронична болка во 2021 година. Пациентите што имаат хронична болка покажуваат симптоми на депресија и анксиозност. Всушност, студиите покажуваат дека 20-40 отсто од возрасните со хронична болка имаат истовремена депресија и анксиозност.

Истражувачите ги анализирале податоците објавени во 376 студии

- Во моментов, имаме ефективни психолошки третмани за депресија и анксиозност и ефективни психолошки третмани за хронична болка, но овие третмани честопати се користат одвоено. Всушност, многу студии ги исклучуваат лицата со хронична болка кои имаат депресија или анксиозност од клиничките испитувања. Ни требаат интегрирани третмани кои се однесуваат на хроничната болка и менталното здравје заедно - вели д-р Рејчел Арон, асистент на студиите за рехабилитација при „Џонс Хопкинс медицина“.

Истражувачите ги анализирале податоците објавени во 376 студии, со фокус на процена на распространетоста на депресијата и анксиозноста кај луѓето со хронична болка низ светот.

Наодите укажуваат на тоа дека возрасните пациенти со хронична болка имаат поголема веројатност да имаат клинички симптоми на депресија и анксиозност и дека зголемената депресија и анксиозност може да бидат единствени за хроничната болка, наместо да се припишуваат само на одвоена медицинска состојба.

Истражувачите користеле податоци од студии спроведени помеѓу 2013 и 2023 година во кои биле вклучени 347.468 возрасни пациенти со хронична болка од 50 земји. Просечната возраст на пациентите била 52 години. Кај пациентите биле проучувани седум симптоми на депресија и анксиозно растројство.

Од седумте симптоми на депресија и анксиозно растројство, истражувачите откриле дека највисоките стапки прикажани кај пациенти со хронична болка биле од клинички симптоми на депресија и клинички симптоми на анксиозност со 39 отсто и 40 отсто соодветно.

Овие резултати покажале дека возрасните пациенти со хронична болка имаат поголема веројатност да имаат клинички симптоми на депресија и анксиозност. Поконкретно, наодите обезбедуваат докази дека психолошката вознемиреност и негативните животни искуства го зголемуваат ризикот за хронична ноципластична болка, вид на хронична болка што е предизвикана од промените во начинот на кој телото ги обработува сигналите за болка во мозокот и 'рбетниот мозок.

Со ограничен скрининг за депресија и анксиозност во клинички услови каде што се третира хроничната болка, станува сè поважно да се развијат иновативни третмани насочени кон пациенти со хронична болка и истовремена депресија и анксиозност, во обид да се промовираат позитивни резултати.

Извор: sciencedaily.com

Фото: Freepik