Машкиот октопод ја труе партнерката за да преживее по парењето

Машкиот октопод ја труе партнерката за да преживее по парењето

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Додека каснувањето од отровен октопод (Hapalochlaena fasciata) може да резултира со болна и итна ситуација за луѓето, ново истражување покажува дека тоа е дел од секојдневното додворување за мекотелите со осум екстремитети. И во случајот со машкиот октопод од тој вид, неговото снабдување со невротоксин служи како одбранбен механизам против партнерката.

Сексуалниот канибализам е документиран кај многу видови, особено кај многу богомолки и пајаци. Иако е несреќно искуство за мажјаците, претворањето во оброк по сексуалниот однос им нуди на женките витални хранливи материи, потребни за да се одржат себеси и нивните потомци. Оваа практика е честа кај животните кои покажуваат женски сексуален диморфизам, еволутивна особина во која едниот пол е поголем од другиот.

Токсичната плунка е клучна за зголемување на шансите за преживување на октоподот

Канибализмот меѓу сексуално диморфните животни не е ограничен само на инсекти и пајаковидни животни. Се јавува и кај некои ракови, полжави... За разлика од мажјаците на некои видови кои доброволно дозволуваат да бидат изедени, машкиот октопод не е премногу воодушевен од таквата ситуација. Според неодамнешните докази од истражувачите од Институтот за мозок „Квинслед“, токсичната плунка е клучна за зголемување на шансите за преживување на октоподот.

Во лабораториски набљудувања, истражувачите откриле дека машките октоподи со сина обвивка ја гризат својата партнерка во близина на аортата на почетокот од додворувањето. За неколку минути, невротоксинот познат како тетродотоксин (TTX) го преплавува системот на женката додека нејзиното дишење буквално запира. За време на оваа едночасовна состојба слична на асфиксија, нејзината кожа станува бледа и таа нема да реагира на многу надворешни дразби. Мажјакот, во меѓувреме, го пренесува својот сперматофор (пакет сперма) во женката. Женскиот октопод на крајот го оттурнува својот партнер набргу откако TTX ефектите се намалуваат, давајќи му на мажјакот дополнително време да побегне на безбедно растојание.

Иако двата пола произведуваат TTX за имобилизирање на пленот и одбрана, истражувачите забележале дека машките плунковни жлезди кај октоподот се дури три пати потешки од оние кај женките.

Извор: popsci.com

Фото: Wikipedia