Можете ли да препознаете „дип фејк“ содржини? Решете го квизот и откријте

Можете ли да препознаете „дип фејк“ содржини? Решете го квизот и откријте

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Колку сте подложни на измама од фотографии и видеа генерирани од вештачка интелигенција? Брзиот онлајн квиз од британската софтверска компанија „Ајпрув“ ви овозможува да ја тестирате вашата способност за препознавање лажни снимки.

Квизот прикажува 10 слики или видеа на лица, едно по едно, и бара од вас да одлучите дали се вистински или генерирани од вештачка интелигенција. Авторот на текстот признава дека првиот пат погодил само 6 од 10. Истото се случило и вториот пат. Сепак, по внимателно набљудување - забележувајќи, на пример, специфичен „сјај“ во лицата генерирани од вештачката интелигенција - тој успеал да постигне 9 точни одговори од 10.

Компанијата која е специјализирана за автентикација на биометриски идентитет го лансирала овој квиз заедно со резултатите од студија за способноста на потрошувачите да препознаваат „дип фејк“ слики. Меѓу 2.000 испитаници од Велика Британија и САД, само 0,1 отсто правилно ги разликувале вистинските слики од лажните.

Опасност од злоупотреба

Овие резултати се објавени во време кога „дип фејк“ содржината го преплавува интернетот. Актерката Скарлет Јохансон повика на забрана за „дип фејк“ технологија откако нејзиниот лик се појави во вирално видео генерирано со вештачка интелигенција во кое еврејските познати личности го критикуваат Канје Вест за неговите нови антисемитски коментари.

- Застрашувачки е тоа што американската влада е парализирана кога станува збор за донесување закони кои би ги заштитиле сите граѓани од непосредните опасности на вештачката интелигенција - истакнала Јохансон.

Додека некои го пофалиле видеото генерирано од вештачка интелигенција во кое се критикува Канје Вест за неговите антисемитски изјави, сметајќи дека е силна порака против говорот на омраза, другата „дип фејк“ содржина носи многу посериозни последици.

Во ера кога генеративните алатки за вештачка интелигенција дозволуваат секој лесно да создава реални фотографии и видеа само со текстуални описи, лесно е да се манипулира со јавноста. Без разлика дали се работи за лажни слики на папата, претседатели или која било друга јавна личност. И штом лажните дигитални содржини се шират низ интернет, тешко е тој процес да се запре.

Лоша информација

Покрај тоа, истражувањето на „Ајпрув“ покажува дека само 11 отсто од луѓето критички го анализираат изворот и контекстот на информациите за да ја проценат нејзината автентичност.

Меѓу најалармантните резултати од истражувањето е фактот дека 22 отсто од луѓето никогаш не слушнале за „дип фејк“ технологијата. Тој процент се зголемува на 39 отсто кај луѓето над 65 години. Бидејќи постарите луѓе се веќе поподложни на измами, овие податоци дополнително укажуваат на нивната зголемена ранливост во ерата на масовни дезинформации.

Иако истражувањето покажува дека само мал број потрошувачи можат да препознаат „дип фејк“ содржини, дури 60 отсто од испитаниците сепак имаат лажна доверба во своите способности да детектираат манипулирани снимки.

- Дури и кога луѓето се сомневаат дека нешто е „дип фејк“, нашето истражување покажува дека огромното мнозинство не презема ништо. Криминалците ја искористуваат неможноста на потрошувачите да ги разликуваат вистинските од лажните слики, а со тоа ја загрозуваат нашата лична и финансиска сигурност. Останува на технолошките компании да ги заштитат своите корисници со спроведување силни безбедносни мерки – истакнал Ендрју Бад, основач и извршен директор на „Ајпрув“

Како компанија специјализирана за безбедност и автентикација, „Ајпрув“ има свој интерес да ги истакне опасностите од онлајн измамите. Сепак, заканите што ги откриле во нивното истражување се многу реални.

Извор: forbes.n1info.hr

Фото: Freepik