Рекордниот пад на наталитетот во Европа во 2023 година ќе значи недостиг на работна сила
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Бројот на новородени бебиња во Европската Унија се намали за 5,4 отсто, достигнувајќи 3,67 милиони во 2023 година, што претставува најголем пад во последните децении, покажуваат официјалните податоци објавени во петокот. Овој тренд ги нагласува демографските предизвици со кои се соочува ЕУ.
Стапката на фертилитет во 27. земји-членки на ЕУ изнесува 1,38 живородени деца по жена, што е пад од 1,46 во 2022 година и значително под „нивото на замена“ од 2,1 кое е потребно за стабилна популација.
- Ова е најголемиот годишен пад забележан од 1961 година - соопшти „Евростат“, нагласувајќи ја сериозноста на намалувањето на наталитетот.
Забрзано стареење и недостиг на работна сила
Раѓањата во Европа опаѓаат уште од средината на 60-тите години, со повремени и скромни зголемувања во последните 20 години, покажуваат податоците на „Евростат“.
Како последица, населението во ЕУ забрзано старее, а некои земји веќе се соочуваат со недостиг на работна сила, особено во услови кога растот на крајната десница во политиката води кон построги мерки за миграција.
Во 1964 година во ЕУ се родиле рекордни 6,8 милиони деца, што е речиси двојно повеќе отколку во 2023 година.
Бугарија ја имаше највисоката стапка на фертилитет во ЕУ во 2023 година со 1,81 дете по жена, а веднаш по неа е Франција со 1,66 и Унгарија со 1,55. Најниска стапка имаше Малта, со само 1,06 деца по жена, а по неа следуваат Шпанија со 1,12 и Литванија со 1,18.
Просечната возраст на жените при раѓањето на првото дете продолжува да расте, достигнувајќи 29,8 години во 2023 година, наспроти 28,8 години во 2013 година.
Иако бројот на смртни случаи го надмина бројот на раѓања, вкупното население на ЕУ се зголеми за 1,6 милиони, достигнувајќи 449,2 милиони луѓе во 2023 година, главно како резултат на миграцијата.
Извор:
Science Alert
Фото: Freepik