Се продава село во Тоскана - оддалечено само 40 минути од националниот парк Чинкве Тере
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Повеќе од 5.000 квадратни метри станбен простор, земјиште што се простира на 18,8 хектари, идиличен пејзаж и апсолутен мир и напуштени камени куќички што чекаат некој да им „вдахне“ љубов (и многу пари) за да ги обнови. Сето ова моментално е на продажба: буквално цело село во граничниот дел на Тоскана, познат како Луниџана. Овој мал рај, кој бара сериозна инвестиција, е ставен на пазарот по цена од еден милион евра.
Според податоците на агенцијата „АЗ Италијан пропертис“, селото се наоѓа на околу 40 минути возење од брегот на Апуанските Алпи, Версилија и познатиот национален парк Чинкве Тере. Најблискиот аеродром е во Пиза, оддалечен околу 90 километри.
Агенцијата гледа голем потенцијал во ова место, предлагајќи можности за изградба на хотели, ресторани, спа-одморалишта и рурален туризам.
- Целото село треба да се обнови. Во него нема жители, нема станбени куќи, туку само неколку штали што сопствениците сè уште ги користат како простор за складирање. Селото е напуштено пред околу 30 години. Може да се обноват повеќе од 5.000 квадратни метри градби, а продажбата вклучува и 18,9 хектари земјиште - стои во инстаграм-објавата на агенцијата.
Луниџана – место каде што се спојуваат различни културни влијанија
Луниџана отсекогаш била позната како граничен регион во кој се судираат различни влијанија. Регионот се наоѓа помеѓу Тоскана и Лигурија и по своите карактеристики не припаѓа целосно ниту на една од овие области. Ова е крај богат со историја што се протега сè до времето на Етрурците, задржувајќи ја својата автентичност и духот на старите времиња.
Доколку се најде сериозен инвеститор со доволно средства за реставрација, нема сомнение дека ова напуштено село во иднина би можело да стане вистински туристички хит.
Извор:
Putnikofer.hr
Фото: Az Italian Properties/Screenshot/YouTube