Колумна: Енергетска криза, за кого како
Веќе две недели прва вест, или меѓу првите, е енергетската криза во светот, а во врска со воениот напад врз Иран од страна на САД и Израел. Веднаш се споменува цената на барел нафта, дали оди нагоре или надолу. Цената на нафтените деривати е исто така меѓу првите вести и во нашата земја. Околу 20 % од светската потрошувачка на нафта и природен гас се транспортира низ Ормускиот Проток од Персискиот Залив кој е контролиран од Иран. Во овие денови транспортот низ овој проток е речиси блокиран од страна на Иран поради воените дејствија. Со ова се штетно погодени земјите од Заливот, кои се сега спречени да извезуваат нафта и течен гас, а тоа се Саудиска Арабија, ОАЕ, Катар, Бахреин и Кувајт. Се разбира дека ова се одразува и на земјите корисници (увозници) на тие количини на горива.
Воените напади почнаа на 28.2.2026 и се извршуваат од воздух со авиони и балистички ракети. Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека тие извојувале победа за два дена и сега треба да довршат уште малку работи. Верскиот (највисок) лидер на Иран и извесен број високи функционери беа убиени со бомбардирање на неколку згради во Техеран, што значи има и цивилни жртви. Ова малку ме посетува на воената инвазија на Ирак во 2003 година од страна на САД заедно со неколку сојузници под изговор дека тогашниот претседател располага со хемиско оружје за масовно уништување. Подоцна се установи дека такво оружје не постоело. Паѓа в очи дека САД и нивните сојузници „случајно“ вршат воени окупации на земји во кои има извори на нафта и гас. Да ги споменам: Ирак, Либија, Сирија, Венецуела, а скоро во сите држави во Персискиот Залив имаат воени бази.
Мене лично ме погоди бомбардирањето на едно училиште во јужен Иран, со што е извршено убиство на 168 ученички и 14 наставници, веројатно со изговор дека било не сакајќи. Но не гледам реакција во меѓународни кругови за ова злосторство. По масакрот во Газа ова изгледа како ситна работа.
Но сега да се навратам на новата енергетска криза во светот предизвикана од нападот врз Иран и блокирањето на Ормускиот Проток. Цената на барел нафта е покачена на околу 100 американски долари, но се менува на дневна основа зависно од тоа каква изјава ќе даде Трамп, дали паѓаат бомби и проектили во Иран и во соседните земји. Цените на нафтата (и гасот) на светските берзи растат, а тоа влијае на економијата во поголемиот број земји, значи веројатно ќе следува и поширока економска криза. Се поставува прашањето кој ја предизвика? Одговорот треба да се бара во тоа кому му одговара ваквата ситуација. Логиката кажува дека поголеми финансиски профити во ваква ситуација имаат земјите со поголема воена индустрија, каде што на прво место се САД. На ова се надоврзува и производството и трговијата со нафта и гас. И тука на прво место се САД, па следуваат Саудиска Арабија, Русија, Канада, Кина итн. Но важно е да се погледне и списокот со најголемите компании кои тргуваат со нафта. Тоа се Saudi Aramco, ExxonMobil (САД), Chevron (САД), Shell (седиште во Лондон), PetroChina (Кина), TotalEnergies (Франција), ConocoPhillips (САД) итн. Иако многу од нив имаат и долгорочни договори за испорака со одредена цена, во кризни ситуации прогласуваат т.н. „виша сила“ и ги покачуваат цените за да извлечат што поголем профит.
Енергентите, особено нафтата и гасот, се важни за секоја држава бидејќи не може да функционира без нив, и плус има многу големо влијание на успешноста на економијата. Гледаме што се случува со Германија и падот и/или стагнирањето на нејзината економија бидејќи прекина со користење на рускиот гас (поради ЕУ санкции кон Русија), а претходно реши постепено да ги отстранува од употреба јагленот и нуклеарната енергија.
Бидејќи побарувачката на нафта и гас стана поголема, нивната цена скокна на светските берзи, а мене ми изгледа дека е настанат енергетски хаос. На пример, не гледам причина цената на гасот да скока во земјите на Европската Унија (ЕУ) бидејќи тие речиси не го увезуваат од земјите од Заливот, што се гледа од прикажаната слика подолу.
Увоз на течен природен гас во ЕУ од главните партнери во % (извор: Eurostat)
Слична е состојбата и со увозот на нафта во ЕУ, кој во проценти од разни земји изнесува соодветно: Норвешка 14,6 %, САД 14,5 %, Казахстан 12,2 %, Либија 8,9 %, Нигерија 6,3 %, а од земјите од Заливот (Саудиска Арабија и Ирак) само 11,9 %.
Да потсетам дека САД и ЕУ постигнаа договор со кој се воведуваат царини од 15 % за европскиот извоз во САД (намалување од 50 %), при што ЕУ се обврзува да купува енергенти (нафта и гас) во вредност од 750 милијарди долари. Каква логика има ако САД ги покачат цените? Тие се најголеми производители на нафта и гас во светот, значи не зависат од моменталната криза во Заливот.
Сега се остварува заложбата на Доналд Трамп дадена пред изборите: „America first” („Америка на прво место“). Сите мислевме дека тоа се однесува на интересите и состојбите внатре во САД, но сега гледаме дека тоа се однесува на целиот свет. Вчера изјави дека Иран е готов (поразен) и дека светската енергетска криза ќе ја снема за многу кратко време.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет – Скопје