Откриен нов вид опасна оса - напаѓа на ужасен начин

Откриен нов вид опасна оса - напаѓа на ужасен начин

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражувачки тим од Државниот универзитет во Јута, кој работел во Националниот резерват Алпахуајо-Мишана во Перу, открил необично паразитско суштество. Станува збор за вид наречен „Capitojoppa amazonica“, кој се карактеризира со голема глава во облик на бадем и специфичен начин на напаѓање на својот плен.

Оваа оса прво се прилепува за својата жртва, а потоа ги цица нејзините телесни течности пред да ја изеде однатре. Го прави ова со положување јајца во други животни, како што се гасеници, бубачки или пајаци. Водечкиот автор на студијата, биологот Брендон Клариџ, го опишал ова однесување како пример за таканаречениот „осамен ендопаразитоид“.

Морничаво суштество

Според него, откако ќе пронајде потенцијален домаќин, женката прво интензивно го допира со своите антени за да процени дали е погоден. Ако е, го прободува телото на домаќинот со својот овипозитор - цевчест орган за положување јајца - и положува едно јајце во него. Во некои случаи женката може да го касне домаќинот без да положи јајца. Потоа се храни со телесните течности на жртвата, што ѝ помага да ги собере хранливите материи што ѝ се потребни за да ги развие своите јајца.

Не е единственото откритие

Ова не е единственото необично откритие од светот на инсектите во последните месеци. Истражувачите во Тајланд неодамна идентификуваа нов вид тарантула со впечатливи, светлосини нозе. Овој редок пајак се крие во шупливи дрвја, а неговото наоѓање е вистински предизвик за истражувачите.

Како што објаснува биологот Нарин Чомхуанг, мора да се искачите на дрвото и да се обидете да го намамите да излезе од сложениот систем на шуплини во кои живее.

За време на една експедиција научниците оделе низ областа ноќе и успеале да соберат само два примерока, што доволно зборува за тоа колку е редок овој вид.

Извор: klik.hr

Фото: Freepik