Доколку оваа бројка се подели со 40 години, доаѓа по 10 искачувања годишно, или во просек едно искачување на 5 недели, што воопшто не е многу, скромно споделува Живко Темелковски.
Живко Темелковски е редовен гостин на нашите планини, а од неговата импресивна планинарска биографија импресионираат неговите 400 искачувања на највисокиот врв на Шар Планина - Титов Врв (2.747 м.н.в.) Искачувањата не се реализирани како зацртан проект, туку од љубов кон планината, и секако со активно 40-годишно планинарење.
- Доколку оваа бројка се подели со 40 години, доаѓа по 10 искачувања годишно или во просек едно искачување на 5 недели, што воопшто не е многу. Додека бев претседател на ПСК „Бистра“, годишно се качував по 6-7 пати. Откако не сум член на овој клуб, за моја редовна планинарска активност го одбрав Титов Врв како најдостапен, највисок врв на Шар Планина и втор во државата, и месечно најмногу до 4, а некогаш и 5 пати се искачувам. И така за сите овие години дојдов до оваа бројка - ни споделува Живко.
Планинарењето му е режим на живот
Во рамките на неговата пасија, да се биде редовно на планина е негов режим на живот.
- Зимските искачувања се поврзани со многу повеќе напор, почнувајќи од опремата, како јакни, џемпери, капи, ракавици, посебни зимски чевли, дерези, штеки, цепин, глечерски очила, јаже, термос со чај, потоа пешачење во длабок снег, замрзнат терен, густа магла, силни ветрови, голем студ, и сето ова го отежнува самото искачување. Летните искачувања се многу полесни - споделува Живко.
Како што ни раскажува тој, Титов Врв е најпосетуван планински врв во државата од домашни и од странски планинари.
- Кога првпат се искачив на овој врв, во мај 1985 година, се вџашив од неговата убавина, од Кулата на Титов Врв која е изградена на највисоката точка, од погледите кои се простираат насекаде и можат многу убаво да се видат Кораб, Пелистер, Солунска Глава, Кајмакчалан, Убава, Водно над Скопје, потоа Мусала и Пирин во Бугарија, Проклетие во Црна Гора, Стара Планина во Србија, па сѐ до Олимп во Грција, а и сите врвови на Шар Планина, почнувајќи од Љуботен на север до Расенгул на југ. Овој врв е највисок врв на Шар Планина, од Скопје до Попова Шапка се стигнува за 1 час и 15 минути, а оттаму за најмногу 4 сата во лето и 5-6 во зима се стигнува до Титов Врв, што значи дека е најдостапниот планински врв за кратко време - ни истакнува Живко.
Титов Врв е еден од 40. врва на Шар Планина што се повисоки од 2.000 м и истовремено со своите 2.747 или 2.748 м е највисокиот врв на оваа планина. Шар Планина е раскошна и е единствен масив во Европа каде што може да се оди 95 километри, од Љуботен до последниот врв кој се вика Расенгул, и во ниеден момент да не се спуштите под 2.200 метри надморска височина.
По два неуспешни обиди, прво качување во мај 1985 година
- Моето прво искачување на Титов Врв е релативно доцна, на мои 25 години, бидејќи јас дотогаш се занимавав со најтрофејниот спорт во Македонија и тогашна Југославија, со борење слободен стил, а и морам да кажам дека не сум познавал некој другар, пријател кој се занимавал со планинарење за да ме воведе во овој спорт. Единствена планина што ја познавав, на која редовно трчав и кондиционо се подготвував, беше Водно. Во 1984 година учествував на планинарскиот маратон од Богомила преку Солунска Глава до врв Водно, по што редовно почнав да го поминувам овој маратон во должина од 100 км, сам со моето куче шарпланинец, и во лето и во зима, и тоа само за еден ден. Потоа се зачленив во ПСД „Бистра“ при МВР Скопје и за кратко време станав нејзин претседател. Првото мое одење за Титов Врв беше во октомври 1984 година и беше неуспешно. Стигнавме до Попова Шапка каде што врнеше толку силен дожд, што не можевме да излеземе од возилото. За кратко време дојдоа четворица планинари кои добро се опремија со кабаници и тргнаа кон Титов Врв. Дождот не престануваше. Тогаш еден наш член кажа дека овие планинари, на чело со некој Јоцо, скоро секој викенд одат на Титов Врв. Тогаш ми помина мисла низ главата дека морам да се запознам со тој Јоцо за и јас да одам често на Титов Врв - се потсетува Живко.
Вториот обид исто така му бил неуспешен.
- Заедно со Бранко Велковски и Јулијана Петрушевска, членови на ПСД „Бистра“, со возило се упативме кон Попова Шапка, но возилото загреа и не можевме да продолжиме понатаму. Повторно се обидов во мај 1985 година во организација на ПК „Љуботен“. На повеќе места имаше снег, а јас бев во патики и несоодветна опрема за толку висока планина. Но морам да признам дека желбата да се искачам на врвот беше многу голема без оглед на условите и мојата неопременост - раскажува Живко.
На еден од маратоните на ПСД „Бистра“, Живко конечно го запознава Јоцо (Јосиф Малински) и почнале често да се искачуваат заедно.
- Во почетокот секој викенд заедно со Јосиф Малински одевме на Титов Врв, без оглед на временските услови. Потоа во еден период многу често одевме со Љупчо Атанасовски наречен Калеја, а подоцна и со Димче Николовски. Многу заеднички искачувања на Титов Врв имам со Влатко Лазаров, потоа со Сашо Божиновски Саленио, Славко Стефанов, Благојче Петрушевски, Божо и други. И откако не сум претседател на клубот „Бистра“, веќе 11 години, редовно одам на Титов Врв. Многу често друштво ми правеа младиот Мартин Андонов, Марио Велковски, Андреј Трајковски заедно со Анета Смилевска и Александра Пецакова, па во последниве 8 години и Саше Иваноски, кој со мене има повеќе од 70 искачувања, па во последниве 4 години Ванчо Ников, и на крај Наско Потурак, кој за помалку од половина година има околу 20 искачувања. Мотивацијата за Титов Врв секогаш била присутна, но многу повеќе откако излегов од клубот „Бистра“ и се посветив на овој планински врв. Годишно имам меѓу 25 и 35 искачувања - детално ни споделува Живко.
Куп убави, но и непријатни искуства
Планината има убавина и моќ да остави силни траги во меморијата, а Живко навистина ги има многу. Ни раскажа едно драматично искуство од неговата лична архива.
- На 3 јануари 1995 ми се јавија моите членови од „Бистра“ и ме поканија да одиме на Титов Врв, но најавата за времето беше многу лоша и им кажав дека не им препорачувам да одат. На ова тие ми одговорија дека ќе одат и без мене. По долго размислување, дали во вакви лоши временски услови ќе можат да се снајдат, одлучив и јас да одам со нив. На враќање од врвот по гребенот, под врвот Карабунар, не можеа да се спротивстават на невремето и да одат по моите траги поради силниот ветар, студ и густата магла. Почнаа да се враќаат назад за да го избегнат силниот ветар, кој носеше замрзнати снегулки и силно ни ги бодеше очите. По некое време почнаа да халуцинираат дека гледаат волци и бараа да пукам со пиштол кој службено работејќи во МВР го поседував. Секако, јас останав смирен, не го ни извадив, а камоли да пукам во таа густа магла. Останавме цела ноќ на 2.550 м.н.в. на бришан простор. Наредниот ден јас одев напред пробивајќи го снегот, но тие не можеа да ме следат и лежеа во снегот. Моравме и втората ноќ да ја поминеме под ведро небо. Дури третиот ден стигнавме на Попова Шапка, каде што не можевме да го пронајдеме возилото на паркингот бидејќи беше завеано со многу снег. Тројцата завршија во болница со ампутации на делови од прсти на рацете и нозете. Но по закрепнувањето, продолжија редовно да одат на планина - раскажува Живко.
На неговото 300. искачување, одржано на 7 февруари 2021, заедно со Саше Иваноски, Андреј Трајковски и Анета Смилевска, поради силниот ветар од над 120 км/ч, морале да смислат стратегија како да го избегнат силниот ветар.
- Донесов одлука да се искачуваме од јужната страна на Титов Врв. Успеавме и влеговме во Кулата на Титов Врв, но бевме крајно исплашени кога Кулата почна да се тресе и камењата да крцкаат, поради што помисливме дека е земјотрес и моравме веднаш да ја напуштиме. Кога излеговме надвор, видовме дека дува уште посилен ветар. Едноставно, Кулата се тресеше од силниот ветар, а не од земјотрес - се потсетува Живко.
Убавината да се пријателствува со Титов Врв
За Живко, списокот со придобивки од планинарењето е долг. Со еден збор, планинарењето му е мелем за душата. Тој ќе продолжи со својот ритам на живот во кој сѐ уште е вклучен и Титов Врв.
- При вакви искачувања, морам да признам дека потајно во мене се повикувам на нашето пријателство со Титов Врв, дека јас сум доаѓал и во полоши услови, дека ние добро се познаваме, дека Титов Врв ќе ми ја отвори вратата и ќе ми дозволи, како и секогаш, да се качиме на врвот и да влеземе во Кулата. И досега секогаш било така, на што сум му благодарен - завршува Живко.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.