Јапонците сакаат први да ја пробијат обвивката на јадрото на Земјата

Јапонците сакаат први да ја пробијат обвивката на јадрото на Земјата

Подготвил: Б.Б.

Научниците од Јапонија имаат интересна и необична научна задача, да бидат први кои ќе направат доволно длабока дупка во Земјата со што ќе ја пробијат обвивката од Земјиното јадро.


Фото: Pixabay

Обвивката на Земјиното јадро е дебела кора, составена од густи карпи, која го опкружува течното јадро, а се наоѓа веднаш под релативно тенката Земјина кора. Се протега до длабочина од 2.900 км и претставува 70% од вкупниот волумен на Земјата.

Тимот на јапонски научници за овој потфат ќе користат брод со џиновска дупчалка со која треба да досегнат до овој слој. Истражувачите од јапонската агенција за морска и копнена наука и технологија (JAMSTEC) се надеваат дека на тој начин ќе откријат повеќе информации за тоа како нашата планета е формирана и од што сѐ се состои обвивката на јадрото.

Границата помеѓу кората и обвивката на јадрото се нарекува Мохоровичиќиев дисконтинуитет, или скратено ’Мохо‘. Мохо е граница на која нагло се менува брзината на сеизмичките бранови. Длабочината на која се наоѓа Мохо варира од пет км во океаните до 80 км под некои планински масиви како оние во Тибет.

Делот на Земјината обвивка (мантија) што се наоѓа точно под кората е составен од релативно ладни карпи. Овој цврст слој изграден од кората и горниот дел на мантијата се нарекува литосфера и неговата дебелина исто така варира, но во просек се протега до длабочини од 100 км.

Натсуе Абе, еден од членовите на овој тим од научници, за Си-ен-ен изјави дека всушност научниците не знаат од што се состои обвивката на јадрото

-    Ние, всушност, не го знаеме точниот состав. Имаме видено само некои од материјалите, каменот е прекрасен – жолто-зелен – изјавил Абе.

Научниците и претходно ја истражуваа обвивката на Земјиното јадро, но JAMSTEC сака да биде првата агенција која со брод ќе заплови во длабоките мориња и таму ќе го врши дупчењето. Планирано е дупчењето да се одвива на три локации во Пацификот – на крајбрежјето близу до Хаити, Мексико и Костарика. Почетокот е планиран најдоцна до 2030 година.

За таа цел научниците ќе користат најсовремен брод за дупчење наречен „Чикју“, чија дупчалка прво треба да го достигне дното на океанот кое се наоѓа на длабочина од четири километри, а потоа да ја пробие Земјината кора со дебелина од шест километри и да стигне до обвивката на јадрото.