Двете земји што имаат најмногу вакцинирани: Едната е близу да ја победи короната, а другата повторно се затвора

Двете земји што имаат најмногу вакцинирани: Едната е близу да ја победи короната, а другата повторно се затвора

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Додека земјите низ светот се натпреваруваат што побрзо да ги вакцинираат своите жители, некои успеваат да ѝ стават крај на пандемијата, а други и понатаму се мачат. Во таа борба водат две земји, но додека едната е близу да се врати во нормала, другата повторно се заклучува.

Станува збор за Израел и Чиле.

Израел во последно време беше под будното око на јавноста бидејќи спроведе најбрза кампања за вакцинација против Ковид-19. Потоа забележа голем пад на бројот на заразени, хоспитализирани и мртви.

Од пикот во јануари, кога во еден момент имало и по 10.000 заразени дневно, дневната статистика за бројот на заразени опаднала за 96 отсто, бројот на критично болни за 90 отсто и бројот на смртни случаи за 85 отсто.

Повеќе од половина од вкупно 9 милиони Израелци биле вакцинирани со двете дози, а благодарение на „зелените пропусници“, животот во Израел се врати речиси целосно во нормала. Додека остатокот од светот ги гледа со завист, Израелците одат во продавници, хотели, на концерти, на кино, во ресторани...

Сепак, некои ограничувања и понатаму важат. Маските се носат надвор од домот, а собирите се ограничени. Исто така, израелскиот успех беше засенет од новата ситуација поврзана со антиваксерските движења.

Но, неодамна професорот Нашунан Аш, шеф на израелскиот штаб во борбата против коронавирусот, изјави дека Израелците наскоро би можеле да бидат ослободени од носење маски на отворено, иако маските остануваат задолжителни во затворен простор.

- Сакаме да видиме како ќе биде во првата фаза, а потоа ќе видиме што ќе следува - вели Еш.

Што се случи во Чиле?

На другата страна на светот, во Чиле, вакцинацијата беше побрза отколку во која било друга земја на американските континенти. Повеќе од една третина од 18 милиони жители примиле најмалку една доза на вакцината. Сепак, бројот на заразени скокна толку многу, што здравствениот систем на земјата е под притисок, така што повторно се воведени строги мерки за карантин.

vakcina
Фото: Freepik

Но, што тргна наопаку?

Се чини дека програмите за брза вакцинација создадоа лажно чувство на безбедност, што доведе до предвремено олабавување на ограничувањата, па луѓето не се грижеа за ризиците. Чиле ги отвори границите во ноември, а во јануари воведе дозволи за Чилеанците да одат на летен одмор.

Без строга контрола на луѓето што влегуваат во земјата и без ефикасен систем за следење на контактите на заразените лица, патниците можеби ја донеле инфекцијата со себе кога се вратиле дома, а властите не го следеле тоа.

Вирусот имал поголеми шанси да се прошири кога ќе се отворат училиштата, рестораните, трговските центри, казината и црквите.

Чилеанскиот претседател Себастијан Пинера започна да ја отвора земјата премногу брзо, и покрај противењето на експертите. Во јануари Чилеанците можеа да патуваат низ целата земја, училиштата беа отворени до март, а од ноември минатата година им беше дозволено влегување на туристи, кои можат да донесат нови видови со себе.

Во градот Валпараисо бројот на дневни случаи достигнал 8.000, што го надминал пикот од 5.000 колку што бил минатиот јуни, кога првпат се зголемил бројот на смртни случаи до над 100 на ден.

Како одговор, Пинера нареди повторно затворање, кое опфати околу 80 отсто од населението, вклучително и главниот град Сантијаго.

Со оглед на тоа колку е висока стапката на инфекција во земјата, би било потребно да се вакцинира многу поголема популација за да се стави пандемијата под контрола.

Сличности и разлики

Разликите што можеби преовладуваа на погрешната страна во случајот на Чиле се: различни општества, демографија и евентуално други видови соеви на вирусот што циркулираат.

Иако Израел во моментов има мал број заразени, се чини дека беше потребно подолго време за да се утврди ефектот на вакцината отколку што првично се сметаше. Покрај тоа, земјата го забележа највисокиот пораст на бројот на заразени во пандемијата и покрај тоа што вакцинацијата беше во тек, а сето тоа беше проследено со строго, неколкунеделно заклучување.

Додека чилеанските медицински експерти ја обвинуваат владата за нов пораст на инфекциите поради предвремено отворање кога вакцинацијата почна во вистинска насока, британскиот епидемиолог Крис Вити вели дека она што се случи во Чиле е спротивно на она што се случи во Израел.

Вити, инаку познат по песимистичките предвидувања во пандемијата, укажува дека не е јасно дали разликите меѓу двете земји се последица од времето на вакцинирање, видот на вакцина што се користи или од појавата на нов сој на вирусот.

- Сè уште не знаеме доволно. Мора да учиме од оние што се далеку пред нас, а тука Чиле и Израел се клучни - посочува тој.

Извор: The Guardian
Фото: Freepik