Брзала да порасне за да чита книги за погорните одделенија, од црвената тетратка во која како дете пишувала поезија денес стигна до 50 драматизирани претстави - Билјана Крајчевска, еден од најдобрите драматурзи во Македонија, создава театар што поттикнува критичка мисла.
Потекнуваш од семејство на лекари, како одлучи да станеш драматург?
Никогаш не си замислував дека ќе работам во театар. Со сестра ми, сега професорка по англиски јазик, сакавме да бидеме лекари – како родителите. Дома многу читавме и често одев во школската библиотека. Брзав да „пораснам“ за да смеам да ги изнајмам книгите од погорните одделенија, а навечер скришно пишував во една црвена тетратка. Песнички. Зачетокот на оваа идеја ја носев од малечка преку фантазија - дарот на создавањето секогаш одново различни светови, во допирот со пишаниот збор, со секоја слушната приказна, кај мене ја осмислуваа слободата на „бесконечнувањето“. Човек во ниту една професија не треба, не смее да го заборави „детето во себе“ - фантазијата и креативноста.„Пресудата“ да бидам драматург ја извршија претставите во битолскиот театар и моите театарски другари: Џеси, Упале и Кочовски. Завршив драматургија на ФДУ во класата на проф. Русомир Богдановски.
Имаш потекло од Егејска Македонија. Твојот дедо Александар Поповски беше претседател на Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија, колку потеклото и тој влијаат врз твоето творештво?
Од дедо ми и од баба ми (мајче) ја наследив љубовта кон приказните. Од него — преку епските раскажувања за храброста, а од неа — преку тивките, кревки, приказни низ кои жената не го испушта животот. И двајцата пишуваа. Можеби токму затоа ова прашање денес ми е сè поблиско.
Порано темите ги барав надвор од себе, па со текот на времето сфатив дека најсилните теми се токму личните приказни. Во моето, како и во многу други семејства на политички прогонети, постојат сеќавања за напуштени домови, преселби, приказни што не припаѓаат само на минатото, туку се испишуваат и денес. По повод 80 години од НУ Народен театар – Битола, ја раскажав нашата семејна приказна преку црните волнени чорапи што сè уште ги чуваме од прабаба ми. По претставата многу луѓе ми пријдоа со солзи во очите и ми рекоа дека и тие дома чуваат по една таква приказна. Токму тоа е моќта на театарот - заедничарење на приказните.
Но, колку е тоа важно денес во исклучително брзо и технолошки напредно време со вештачка интелигенција?
Многу е важен театарот денес за да се разбереме и реосмислиме себеси и светот околу нас. Театарот не е само уметност, туку жив простор пред нас каде што отворено се поставуваат и се преиспитуваат општествените и политичките теми, се гради културната свест. Оттаму мојата професија ја доживувам како повик - „приказна“ која не завршува со спуштањето на завесата, туку продолжува интимно да се случува во средбата со секој човек од публиката, да нѐ направи почувствителни, подобри, поразумни.
Едукативно за помладите – што всушност работи драматургот?
Тој не е само автор на текст, туку и оној што ја гради внатрешната логика на претставата. Заедно со режисерот работи на концептот на делото, на драмската структура, адаптацијата, драматизацијата, учествува во градењето на репертоарот со внесувањето нови текстови и негово осовременување во согласност со светските трендови. Драматургот е мисловната оска на театарскиот процес. Тој е ситото помеѓу актерите и режисерот.
Како младите да препознаат дека имаат талент за да станат драматурзи?
За оваа професија нема готов рецепт, но има некои предуслови: талент за ваков вид изразување (едноставно нешто те „влече“ кон пишаниот збор), љубопитност, емпатија, аналитичност, чувство за контекст и умешност со јазикот. Потребни се многу читање, многу пишување, гледање филмови и претстави, интерес за другите уметности и будност кон општествените и политичките случувања. Избор за студии на идните драматурзи е Факултетот за драмски уметности во Скопје, Катедрата за компаративна книжевност, а добредојдени се и знаењата од филозофија, историја и психологија.
Дали драматургијата е популарна професија кај нас?
Не е, бројот на дипломирани драматурзи не е голем (околу 30), а интересот за студирање во последната година е драстично намален, иако во Македонија секој театар има најмалку двајца вработени драматурзи. Една од причините е недоволната јасност на задачите на таа професија дури и меѓу колегите. Во светот, драматургот одамна се третира како еден од клучните столбови на театарскиот процес, а во големите европски театри е составен дел од уметничкото мислење и планирање (има и по 7 драматурзи). Не е случајно што моите значајни соработки беа и се со странски режисери - Андраш Урбан, покојниот Игор Вук Торбица, Џон Блондел, Кокан Младеновиќ, Итаи Дорон. Мојата прва професионална претстава во НУ Народен театар – Битола, „Медеја“, ја работев со Нада Кокотовиќ, која доаѓаше од Германија. Благодарение на тогашното раководство на Театарот, бев повикана во процесот, а подоцна таму и се вработив. Тоа значи дека свеста за оваа професија кај нас постои, но сè уште созрева.
За колку претстави си изработила драматизации?
Веќе дванаесетта година работам во НУ Народен театар – Битола, а за тоа време сум работела на 25 претстави. Од нив, два авторски текста, драматизација на романот „Пламенка“ од Петре Димоски, во режија на Софија Ристевска-Петрушева, а преостанатите адаптации или текстови со драматуршки интервенции, понекогаш создадени и во дијалог со актерите. Досега сум работела на над 50 претстави. Сум пишувала сценарија за детската серија „5 Плус“, сликовници, монографии и други проекти. Во 2023 година на ИФАД Стоби ја добив Специјалната награда за оригинално драматуршко толкување и авторство за претставата „Жени во собрание“, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Театар Комедија.
Како ја едуцираш и поттикнуваш публиката преку претставите?
Со тоа што работам теми што предизвикуваат отпор и борба, имаат моќ да ја менуваат свеста, отвораат прашања, создаваат критичка мисла и ја подготвуваат публиката (особено младите) да гледа посуштински и поодговорно на светот околу себе.
Велиш дека е важно да се чита, а како младите повеќе да читаат?
Така што книгата нема да ја доживуваат како проверка на знаењето, како задолжение, како обврска, ами како откривање. Ќе завршам со една анегдота, која не е театарска, но многу убаво зборува за смислата на читањето. Г. ме праша: „Ајде, ако толку читаш драми, кажи ми Тартиф колку изел и колку испил?“ Му велам: „Чекај, можам да ти направам анализа на карактерите во комедијата на Молиер...“ А тој без двоумење одговора: „Две пилиња во сос, половина бут и десет чаши вино!“ Го прашав од каде толку прецизно го знае тоа, ми рече: „Па како од каде — секогаш имав петка по македонски. Тоа беше омиленото прашање што го поставуваа за повисока оценка.“
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.