Направена првата операција на 'рбет во која асистирал робот

Направена првата операција на 'рбет во која асистирал робот

Подготвил: Билјана Арсовска

Медицинскиот оддел при Универзитетот во Пенсилванија соопшти дека била изведена првата операција на 'рбет со асистенција на робот. Операцијата била извршена од страна на тим хирурзи предводен од Нил Малхотра во болницата на универзитетот.

Операцијата траела повеќе од два дена, а лекарите користеле роботски раце за да отстранат редок тумор од 'рбетот на пациентот Ноа Перникоф, кому му била дијагностицирана хордома - редок тип на тумор на коските, кој обично се наоѓа во основата на черепот и во 'рбетот. Хордома се јавува кај едно во милион лица и обично не покажува симптоми, па често не е забележан додека не стане предоцна. Перникоф открил дека има тумор по сообраќајна несреќа.

-Среќен сум зашто го открија рано. Кај многу луѓе, ако не е најден и третиран рано, тој е смртоносен. Лекарот рече дека ако не сум го открил преку сообраќајната несреќа, веројатно ќе продолжел да расте додека да дојде до 'рбетниот мозок, каде би предизвикал парализа или смрт - истакнува Перникоф.

Сепак, тој не бил толку среќен со локацијата на туморот. Туморот бил сместен на место каде 'рбетот му се среќава со черепот, што е многу чувствително место и го зголемувало ризикот. Соочен со овој предизвик, Малхотра побарал помош од Берт О'Мали, претседател на Одделот за оториноларингологија: операција на глава и врат, за да го искористи транс-оралниот роботски (ТОРС) пристап за време на операцијата. ТОРС е модерна хируршка техника која се користи за лекување на тумор на устата и грлото преку директен пристап преку устата.


Фото: Interesting Engineering

Позицијата на туморот се заканувала по структурниот интегритет на 'рбетот на Перникоф, што можело да доведе до парализа. Исто така, имало ризик од оштетување на важни функции како моторните вештини и повторен раст на туморот ако не се отстрани целосно.

Операцијата се состоела од три дела. Неврохирурзите прво го пресекле 'рбетот околу туморот , што им дозволило да го отстранат туморот преку устата на пациентот. Тука во игра влегол роботот. Тимот го искористил роботскиот асистент да го расчисти патот за Малхотра да може ефикасно да го отстрани целиот тумори дел од 'рбетниот столб преку устата. Операцијата била успешна.