Европа и Северна Америка се лидери во консумирањето алкохол

Европа и Северна Америка се лидери во консумирањето алкохол

Светот потрошил 10 отсто повеќе алкохол во 2017 година отколку во 1990 година, пред сè, поради ширењето на таа лоша навика во Кина и во Индија, велат научниците.

Според актуелните трендови, глобалната потрошувачка на алкохол ќе се зголеми за уште 17 отсто во следната деценија, објавено е во списанието „Лансет“.

- Светот не е на патот кон исполнување на глобалната цел и намалување на пиењето алкохол - нагласуваат авторите на студијата, повикувајќи на поагресивни контрамерки, како што се повисоки даноци и забрана за рекламирање.

Целта на Светската здравствена организација е да се намали пиењето алкохол за 10 проценти до 2025 година.

Алкохолот е поврзан со двесте заболувања и е одговорен за три милиони смртни случаи годишно, од кои 75 проценти се мажи.

На глобално ниво, околу 237 милиони мажи и 46 милиони жени страдаат од нарушувања поврзани со алкохол. Највисоката стапка е во Европа и во Северна Америка за двата пола.

Алкохолот сè уште најмногу се пие во Европа и во Северна Америка. Во Франција, на пример, мажите пијат 19 литри алкохол годишно, а жените само шест.

Во САД бројките се малку пониски, 15 литри за мажи и 4,5 за жени. Во Кина мажите пијат 11 литри алкохол годишно, а жените три. Ова е помалку отколку во САД, но проблемот е што за Кинезите тоа е зголемување од 70 проценти во споредба со 1990 година.

Индијците сè уште не пијат премногу, во просек шест литри алкохол по човек, но ова е двојно повисоко отколку во 1990 година, при што експертите предвидуваат зголемување од 50 проценти во текот на следната деценија.

По региони, најмала е потрошувачката во Северна Африка и на Блискиот Исток, обично помалку од еден литар по возрасно лице годишно.

Таа е најголема во Централна и во Источна Европа, каде што во просек има неколку земји со повеќе од 12 литри.

Првото место е за Молдавија со 15 литри алкохол, по што следуваат Русите, Французите и Португалците.

Најмногу се пие жесток алкохол – 45 проценти, пиво 15 проценти и 12 проценти вино.

Извор: МИА