Научниците изненадени: Шимпанзата би можеле да ја расветлат еволуцијата на музиката

Научниците изненадени: Шимпанзата би можеле да ја расветлат еволуцијата на музиката

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако можеби не ги создаваат најновите летни хитови, шимпанзата имаат чувство за ритам, откриле научниците во студија за која велат дека фрла нова светлина врз еволутивното потекло на музиката и човечката комуникација.

Тие претходно откриле дека шимпанзата ги допираат корењата на дрвјата за да си пренесуваат информации едни на други, при што секоја единка има свој препознатлив стил. Сепак, досега не беше јасно дали тие удираат ритмички или случајно. Сега истражувачите откриле дека не само што чукаат во неправилни, но предвидливи интервали, туку и дека овие ритми варираат меѓу подвидовите.

Тимот истакнува дека овие откритија отвораат увид во еволутивното потекло на елемент клучен за човековото социјално однесување - од разговор до создавање музика.

- Овие наоди потврдуваат дека основните блокови на ритамот што ги користиме денес во нашето социјално однесување и музика постоеле кај заедничкиот предок - вели професорката Кетрин Хобајтер од Универзитетот „Сент Ендрус“.

Интересно е што западните шимпанза удираат во рамномерни интервали, како отчукување на часовник, додека источните шимпанза наизменично се менуваат помеѓу кратки и подолги интервали, што резултира со ритам сличен на замав. Западните шимпанза, исто така, користат повеќе потези во истиот временски период, што укажува на побрзо темпо во споредба со источните шимпанза. Покрај тоа, двата подвида удираат во различно време при вокализациите „воздивнување - крик“, сложени повици што вклучуваат удирање како придружен елемент.


Различни групи, различна музика

Причината зошто подвидовите на шимпанзата користат различни ритми останува нејасна, но се чини дека не е поврзана со фактори на животната средина.

- Без разлика дали удирате во тенок корен или во огромно дрво во дождовната шума, ако сте од Западна Африка, ќе удрите повеќе како другите западноафрикански шимпанза, отколку како источноафриканските шимпанза, дури и ако живеете во слична средина - вели Хобајтер.

Ова, додава таа, може да биде поврзано со социјалните разлики. На пример, источните шимпанза се познати по поголемата меѓусебна агресивност или потребата да се пренесат подетални информации.

-Пред луѓето да станат луѓе – пред шест или седум милиони години – нашите предци, кои подоцна еволуирале во шимпанза и луѓе, веројатно веќе ги имале основните елементи на ритамот - заклучила Хобајтер.

 

Извор: tportal.hr

Фото: Freepik