Семинар од областа на ветеринарната медицина во организација на Ветеринарниот факултет при УКЛО
Успешно е одржано третото издание на меѓународниот семинар од областа на ветеринарната медицина, во организација на Ветеринарниот факултет – Битола и Ветеринарната комора. Настанот се реализира со поддршка од академската заедница на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, како дел од пошироките заложби за унапредување на стручните капацитети, научната соработка и интернационализација на академската заедница.
Семинарот собра учесници од Македонија, Словенија, Србија и други земји, меѓу кои универзитетски професори, практичари, институционални претставници и стручњаци од областа на безбедноста на храната и здравствената заштита на животните.
- Овој семинар не само што е можност за размена на искуства, туку и показател за тоа колку е важно да се негуваат стручноста и професионалниот интегритет во ветеринарната дејност. Горди сме што Ветеринарниот факултет во Битола ја зацврстува својата улога како регионален центар за наука и практика. Во мое име и во име на вработените од Ветеринарниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, членка на европската универзитетска алијанса КОЛОРС, ни претставува особена чест што сме домаќини и коорганизатори на овој значаен семинар, заедно со нашите партнери од македонската Ветеринарна комора. Како дел од алијансата КОЛОРС, посветени сме на интернационализација на знаењето, трансдисциплинарна соработка и градење заеднички европски образовен и истражувачки простор. Токму овие вредности се вградени во духот на овој семинар – простор каде што се среќаваат различни академски перспективи, се негуваат иновациите и се промовираат одржливи решенија во ветеринарната наука и практика. Нашето заедничко дејствување е доказ дека преку здружени сили можеме да изградиме силна платформа за знаење, дијалог и напредок.
Овој семинар е многу повеќе од академски собир. Тој претставува мост меѓу теоријата и практиката, меѓу генерации, и меѓу експерти од различни земји – што сведочи за неговиот интернационален карактер и значење. „Посебна благодарност упатувам до нашите предавачи и учесници од земјата и од странство. Вашето присуство не само што го потврдува интернационалниот карактер на овој семинар, туку и сведочи дека ветеринарната медицина нема граници – напротив, таа има сила да обединува, да ги надминува разликите и да нè поврзува во заедничката мисија за напредок и хуманост - нагласи проф. д-р Никола Караболовски, декан на Ветеринарниот факултет – Битола.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, го поздрави настанот посочувајќи дека семинарот е доказ за зрелоста и европската ориентација на нашите факултети и дека поддршката на вакви иницијативи е суштински дел од мисијата на УКЛО.
Д-р Верче Мицевска, национален координатор за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика, ја истакна потребата од стратешка соработка - соработката помеѓу институциите и струката што е клучна за унапредување на безбедносните стандарди, со потврда на ставот дека ваквите семинари овозможуваат нови перспективи и конкретни решенија.
Од име на коорганизаторот и претседателот на Ветеринарната комора, д-р Жарко Михајлоски го споделува ставот дека професијата се соочува со нови предизвици, а решенијата се креираат токму низ ваков дијалог, научна основа и заедничка визија.
Присуството на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и другите високи гости од повеќе национални и меѓународни институции ја нагласи поддршката што ветеринарната наука ја добива на локално и регионално ниво.
Настанот, кој се одржа на 10 мај 2025 г., беше збогатен со културна програма во изведба на ученици од музичкото училиште, а во работниот дел се одржаа тематски сесии, панели и дискусии на теми како што се модерни дијагностички пристапи, здравје на животните и интегрирана безбедност на храна.
Со своето трето последователно одржување, Семинарот ја зацврсти традицијата и уште еднаш го потврди Ветеринарниот факултет – Битола како значаен академски и научен центар во регионот, со активен придонес во развојот на современата ветеринарна наука и практика.
(Комерцијална објава)