Работи во ИТ-компании што можат да донесат голема плата, а не бараат програмирање
Влезот во технолошка компанија не значи дека прво мора да станете софтверски инженер. На корпорациите и модерните технолошки компании им е потребно многу повеќе од програмери за да ги градат, продаваат, објаснуваат, поддржуваат и унапредуваат своите производи. Технолошките процеси се потпираат на широк спектар на вештини, а не само на програмирање. Потребни се вработени кои можат да координираат проекти, да ги преведуваат техничките идеи за клиентите, да го истражуваат однесувањето на корисниците, да регрутираат таленти, да ги решаваат проблемите на првата линија на поддршка и да пишуваат јасна документација.
Таа промена отвори различни можности за луѓето од областа на операциите, корисничката поддршка, пишувањето, регрутацијата, дизајнот, продажбата и администрацијата. Иако се сметаат за „почетни“ бидејќи не бараат диплома од компјутерски науки или години инженерско искуство, овие позиции во добра компанија можат да прераснат во кариери со шестцифрени плати.
ИТ-координатор на проекти
Една добра опција е ИТ-координатор на проекти. Оваа улога ги поддржува планирањето и извршувањето на технолошките проекти така што ги следи роковите, организира состаноци, го документира напредокот и се грижи за усогласеноста на тимовите.
Често претставува отскочна штица кон позициите проект-менаџер или програмски менаџер. Предноста на оваа позиција е што повеќе ги наградува сигурноста и организацијата отколку длабокото техничко знаење. Личноста што може да управува со роковите, јасно да комуницира и да спречи деталите да „испливаат“ станува многу вреднувана. Со искуство, сертификати и работа на поголеми системи, оваа позиција може да доведе до проектен менаџер или технички менаџер, кои често се поврзани со шестцифрени плати.
Инженер за продажба
Втората работа со голем потенцијал е инженер за продажба. Ова е една од најплатените непрограмерски позиции во технолошкиот сектор. Се наоѓа директно помеѓу приходите и техничкото решавање на проблемите. Инженерите за продажба им помагаат на клиентите да разберат како функционира производот. Одговараат на технички прашања, ги демонстрираат производите и ги поврзуваат деловните потреби со техничките решенија. Во многу компании оваа улога се преклопува со позициите на архитект на решенија, кои можат да имаат плата над шест цифри и пред да стигнат до сениорска позиција. Не мора да правите софтвер. Потребно е да ја објасните неговата вредност и да покажете како решава реални проблеми.
Истражувач на кориснички искуства
Тука е и UX-истражувачот, улога која се фокусира на разбирањето на тоа како размислуваат корисниците. Што им треба, каде наидуваат на проблеми и како дигиталните производи можат да станат поедноставни и покорисни. Истражувачите прават интервјуа, тестови на употребливост, анкети и анализа на однесувањето. Потоа резултатите ги претвораат во препораки за дизајнот и производните тимови. Платите можат да растат до шестцифрени износи. Особено е погодна за луѓе од психологијата, образованието, маркетинг-истражувањето, комуникациите или дизајнот на услуги. Бара љубопитност, емпатија и способност човечките повратни информации да се претворат во практични увиди.
Технички регрутер
На хартија, техничкиот регрутер изгледа како агент за вработување, а не како технолошка работа. Во практика регрутерите се клучни за растот на технолошките компании. Тие пронаоѓаат кандидати, ја проценуваат нивната соодветност, организираат интервјуа и им помагаат на менаџерите да изградат тимови во многу конкурентна средина. Најдобрите регрутери не ги пополнуваат само позициите. Тие ги разбираат техничките улоги и знаат како да го проценат потенцијалот. Заработката може да биде посебно висока поради бонусите и провизиите, а искусните технички регрутери често имаат шестцифрени плати. Оваа кариера е идеална за луѓе што се добри во односите, убедувањето, организацијата и брзото носење одлуки.
Специјалист за ИТ-поддршка
Една од најпристапните влезни позиции во технологијата е ИТ-поддршката. Овие експерти решаваат проблеми со хардверот, софтверот, пристапите до сметките, уредите и интерните системи. Иако почетните плати обично не се шестцифрени, оваа работа може да прерасне во високо платена кариера кога ќе се комбинира со специјализација во администрацијата на системи, клауд-технологиите, сајбер-безбедноста или поддршката. Ова е улога која дава практично разбирање за тоа како функционира технологијата во реалните компании и често е основа за понапредни позиции.
Технички писател
Техничкото пишување е еден од најпотценетите влезови во ИТ-светот. Техничките писатели креираат документација, водичи, статии во базата на знаење, материјали за обука и АПИ (API) референции кои им помагаат на корисниците и тимовите да ги разберат комплексните производи.
Иако програмирањето не е неопходно, корисно е познавањето на алатките за документација. Искусните технички писатели можат да заработат шестцифрени плати, особено во големите технолошки компании. Ова е одлична опција за луѓе што сакаат јасност, структура и објаснување на сложени работи.
Наспроти бранот отпуштања и економската неизвесност, овие опции можат да ве воведат во технолошката индустрија без потреба од длабоко техничко знаење. Не мора да форсирате програмирање ако нешто друго ви е посилна страна. Но, мора да ја разберете индустријата, да знаете како функционираат производите и тимовите. И да докажете дека можете да придонесете.
Фото: freepik