Иновацијата „Паметни венецијанки“ на основците од „Даме Груев“- Битола е победник на „Предизвик за млади истражувачи 2“

Иновацијата „Паметни венецијанки“ на основците од „Даме Груев“- Битола е победник на „Предизвик за млади истражувачи 2“

На повикот на „Предизвик за млади истражувачи 2“, кој Фондот за иновации и технолошки развој го организира во соработка со Министерството за образование и наука, во силна конкуренција ОУ „Даме Груев“ од Битола го освои првото место со најголем број поени.

Овој тим е предводен од менторот, наставничката Валентина Степановска-Андоновска, а е составен од учениците: Андреј Јовановски, Христијан Николовски и Михаил Јанакиевски, кои се особено истакнати во полето на физиката како освојувачи на многубројни награди на различен тип натпревари.

Нивната иновација се однесува на искористување на сончевата енергија за осветлување, а насловот на проектот е „Паметни венецијанки“ - со поставување соларни панели од надворешната страна на венецијанките - сончевата да се претвора во електрична и потоа електричната енергија во светлинска, но и за напојување на: мобилни телефони, таблети и сл.

1

- Со овој проект се докажува дека учениците во основното образование имаат потенцијал и иноваторски способности кога имаат поддршка од нивните наставници - вели директорот, д-р Роза Јовановска, но секако им е потребна и поддршка од другите чинители во општеството.

При изработката на проектот тимот поаѓа од хипотезата: Дали осветлувањето што ќе го даваат „паметните“ венецијанки ќе ги задоволува минималните нормативи за соодветниот тип примена?“

За имплементација ќе се искористат постојните венецијански-завеси кои ќе бидат носители на соларните ќелии од страната на прозорецот-сончевата страна, па заедно со системот за претворање и складирање енергија, на истите тие завеси ќе бидат монтирани ЛЕД-диоди за осветлување на внатрешната страна, т.е. просторијата и ќе формираат еден покомплексен фотоволтаичен систем. Исто така, целта е да се добие и електрична енергија за напојување на други електронски уреди со помош на соодветен претворувач на нивниот потребен напон. Со оваа иновација за користење бесплатна сончева енергија се заштитува животната околина, се заштедува електрична енергија, нема трошоци за инсталирање на напојувачка мрежа од страна на електроенергетските компании, има повратна инвестиција (во период од една година), возможна мобилност на системот (лесно преместување на друга локација) и преадаптација на системот.

2

Овој проект секако дека би имал имплементација за понатамошно мултиплицирање во училиштето, во другите училишта низ нашата земја, па можеби и пошироко. Со овие „паметни“ венецијанки би можеле да се опремат и: болници, аеродроми и други јавни установи, а може да најдат соодветно место во секој дом. Поради оваа причина, финалниот производ би можел да се изработува во индустријата со подобрување на неговите механички карактеристики.

3

5

Истражувачкиот процес и резултатите од овој проект-иновација на дигитален и практичен начин ќе им бидат презентирани на учениците и на наставниците во училиштето. Со тоа би постигнале усовршување на практичните вештини со имплементација на иновацијата, како и посочување начин како учениците да си ја подобрат средината во училиштето со внесување нови технологии.

- Најважно од сè ни е да бидеме пример и поттик за другите ученици-иноватори за подобрување на училишната средина - смета наставничката Валентина Степановска-Андоновска.

5