Од старото стакло може да се направи бетон што е посилен и поевтин од кога било

Од старото стакло може да се направи бетон што е посилен и поевтин од кога било

Подготвил: Тамара Гроздановски

Иако стаклото се смета за релативно еколошко бидејќи може да се рециклира, мали делови од стаклото се тешки за собирање и рециклирање. Но, научниците велат дека сега отпадот од стакло може да се искористи за да се направи бетон што е посилен и поевтин од кога било.

Предводени од д-р Ријад ал-Амери, истражувачите од австралискиот Универзитет „Декин“ почнале со различни парчиња стакло што не може да се рециклира, кои ги претвориле во прав. Потоа го искористиле овој прав како агрегат во полимер-бетон, наместо песок. Самиот полимер-бетон служи како средство за врзување и обично се користи за водоотпорен под.

Кога стаклото со база на полимер-бетон подоцна било тестирано, научниците откриле дека е значително посилно од традиционалниот бетон базиран на песок.

Дополнително, бидејќи песокот треба да се копа и да се мие, се утврдило дека користењето стакло резултира со намалување на трошоците за производство на бетон. Освен тоа, постои недостиг на песок, а во моментов постојат резерви на старо стакло што седат необработени.

- Ова истражување дава докази дека градежната индустрија треба да го прифати потенцијалот на стаклото како замена за песок кога прави полимерни бетони. Во светот, градежната индустрија претставува 6 отсто од глобалниот БДП, според Светскиот економски форум. Бетонот е главен градежен материјал, а песокот е една од основните компоненти, па изнаоѓањето алтернатива значи поевтина варијанта - вели Ал-Амери.