Поради постоењето на човекот, одредени видови растенија ќе исчезнат 500 пати побрзо

Поради постоењето на човекот, одредени видови растенија ќе исчезнат 500 пати побрзо

Подготвил: Тамара Гроздановски

Ако прашавте ботаничар пред неколку години, колку видови растенија исчезнале во денешно време, нивната проценка најверојатно би изнесувала помалку од 150. Но, најголемото истражување спроведено досега, вели дека бројот се зголемил за четири пати.

Авторите на новото истражување тврдат дека од 1900 година, просечно три растителни видови исчезнувале секоја година. Тоа е стапка на изумирање најмалку 500 пати побрза отколку што природно се очекува, а двојно повеќе од вкупниот број истребувања видени кај водоземци, цицачи и птици заедно.

Сеопфатното истражување е првата глобална анализа за модерните стапки на истребување на растенијата, а благодарение на големиот недостаток на податоци, истражувачите се сигурни дека ја потцениле реалноста.

- Животните се слатки, важни и разновидни, но сум апсолутно шокиран што недостасува слично ниво на свест и интерес за растенијата. Нив ги земаме здраво за готово и мислам дека не треба така да се однесуваме - вели биологот Марија Воронцова.

Анализирајќи ги вистинските исчезнувања, истражувачките од Кралските ботанички градини во Кју, откриле дека помалку од половина од сите пријавени изумрени растенија се точни.

На пример, Црвената листа за истребување создадена од Меѓународната унија за заштита на пиродата, не е точна. Од вкупно 122 исчезнати растителни видови што моментално се наоѓаат на листата, авторите на истражувањето откриле дека не помалку од 50 биле повторно откриени и треба да се класифицираат.

Уште полошо, на листата недостасуваат 491 исчезнувања.

Површински, податоците покажуваат дека исчезнале само 0,2 отсто од растителните видови, во споредба со 5 отсто од птиците и цицачите. Но, ова не е целосната слика. За разлика од животните, просечното време на истребување на растенијата е многу подолго, што значи дека е потребно повеќе време за тие целосно да исчезнат.

Денес, се чини дека мнозинството исчезнувања на растенијата се случуваат во „жаришта“ на биодиверзитетот во тропските и медитеранските средини, вклучувајќи места како Австралија, Индија и Хаваи. Од сите исчезнати растителни видови насекаде низ светот, половина некогаш биле најдени на еден остров, а 18 отсто некогаш процветале на Пацификот.

- Ова веројатно го одразува високиот процент на уникатни видови и нивната ранливост кон биолошка инвазија - посочуваат авторите.

Но, моделот може да се должи на човечка пристрасност. На крајот на краиштата, истражувачите признаваат, нашето колективно знаење досега е целосно базирано на растенија што биле историски корисни за луѓето.

- Научниците не го проучиле детално поголемиот дел од растенијата во светот, па авторите имаат право да мислат дека броевите што ги кажале се големо потценување, па веројатно има изумирање што е занемарено - вели Ален Греј, еколог за растенија кој не бил вклучен во истражувањето.

Бидејќи милиони други видови, вклучувајќи го и нашиот вид, зависат од растенијата за опстанок, Греј вели дека треба да се запрашаме, не што биолошката разновидност може да направи за нас, туку што можеме ние да направиме за биолошката разновидност.