Јапонците бараат владата да им дозволи на жените да го задржат моминското презиме во бракот

Јапонците бараат владата да им дозволи на жените да го задржат моминското презиме во бракот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Јапонската бизнис-федерација „Кејданрен“ побара владата да им дозволи на жените да ги задржат своите момински презимиња во бракот, посочувајќи дека тоа што не можат да го сторат го попречува нивниот напредок, па дури и станува деловен ризик.

Во Јапонија секоја мажена жена е законски обврзана да земе едно презиме. Иако може да се користи кое било презиме, 95 отсто од жените сè уште традиционално ги земаат презимињата на нивните сопрузи, според владиното истражување од 2022 година.

- Бидејќи сè повеќе жени се менаџери и имаат поактивни улоги, прашањето за презимињата стана деловен ризик што компаниите повеќе не можат да го отфрлаат како проблем на одредени поединци - вели шефот на „Кејданрен“, Масаказу Токура.

Тој додава дека многу жени веќе го користат своето моминско презиме на работа и на нивните визит-картички, вклучително и 90 отсто од членовите на „Кејданрен“.

Но, тие и понатаму мораат да ги користат презимињата на сопругот на сите правни документи, што им прави проблеми, на пример, кога отвораат банкарски сметки, кредитни картички и кога патуваат во странство бидејќи презимињата не се совпаѓаат.

Токура вели дека предлогот ќе биде доставен до владата следната недела по одобрението од состанокот на нејзиниот одбор.

Предлогот на организацијата се смета за невообичаен бидејќи вообичаено ја поддржува конзервативната владејачка Либерално-демократска партија на премиерот Фуми Кишида, која повеќе од три децении ја отфрла идејата за двојно презиме.

Јазот во правата меѓу мажите и жените во Јапонија е меѓу најголемите во светот.

Извор: Avaz.ba
Фото: Freepik