Најпретприемачко училиште во државата - економското „Јане Сандански“ од Битола со зголемен број на ученици, награди и инвестиции

Најпретприемачко училиште во државата - економското „Јане Сандански“ од Битола со зголемен број на ученици, награди и инвестиции

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Пред две години школската година ја започнавме со дел позајмени клупи и столчиња, а сега целосно е заменет школскиот мебел, направени се повеќе инвестиции, а училиштето е избрано за најпретприемачко на националниот натпревар, вели директорката Биљана Јанкуловска.

Со години ги подготвува учениците да станат претприемачи и да основаат свој бизнис, а сега доби и официјална потврда за тоа. Средното економско училиште „Јане Сандански“ од Битола е прогласено за најпретприемачко училиште во државата за оваа година. Школото, кое е меѓу училиштата со најдолга традиција во државата, едуцира економисти 102 години, победи на Националниот натпревар на најдобри ученички компании во организација на „Јуниор ачивмент Македонија“, организација која е дел од регионален европски центар за помош на млади за идни вработувања.

Учениците со уникатни идеи за ученички компании

- Училиштето ја освои наградата благодарение на својата посветеност кон развојот на претприемачкиот дух кај учениците. Уште од почетокот на учебната година училиштето активно работеше со три ученички компании: INNOVISION, TRAVELX и PROGRESO, од кои две успешно се пласираа и учествуваа на државниот натпревар со над 70 учесници, кој се одржа во Скопје. Со иновативни идеи, како холограмска технологија, еколошки велосипедски тури, дигитален маркетинг и тимска работа, со поддршка на менторите Александар Цветкоски, Ана Костовска и Мирјана Лозановска, учениците го претставија училиштето како лидер во претприемачкото образование - вели директорката на СОЕУ „Јане Сандански“ од Битола, м-р Биљана Јанкуловска.



Оние што го завршуваат ова училиште не чекаат државата да ги вработи, туку се оспособени да почнат свој приватен бизнис и да бидат конкуренти на пазарот. Во текот на наставата имаат предмети и многубројни активности кои ги поттикнуваат да осмислат ученички компании, па и да учествуваат со нивна презентација на различни натпревари.

Во чекор со новите трендови, изучуваат дигитален маркетинг и е-бизнис

- Самото изучување на наставните содржини по предметите бизнис, претприемништво, економија, менаџмент, маркетинг и новите иновативни вештини ги прави атрактивни во процесите на пазарот на трудот. Самата паралелка дигитален маркетинг и е-бизнис овозможува учениците да се вклучуваат во проекти и да остваруваат сопствени приходи. Училиштето како претприемачко опстојува повеќе од еден век, но посебен акцент се става последните години каде што учениците имаат можност да учат преку работа кај работодавец и стекнатите знаења да ги применат во пракса - додава Јанкуловска.



Инвестиции во училиштето

Напоредно со квалитетот на образовниот процес, преку инвестиции се подигнува и нивото на условите за учење и работа во школото. Ако пред две години наставата започнала со дел позајмен школски инвентар, денес економското училиште е комплетно опремено со нов школски мебел во училниците и канцелариски во просториите за наставници и администрација.

- Учебната 2023 година ја почнавме со позајмени училишни клупи и столчиња, а сега во секоја училница имаме нов мебел, поставени ролетни, нови табли, подиуми и клупи за наставниците. Обновен е и мебелот во наставничката канцеларија со цел подобрување на условите за работа и на наставниот кадар, како и канцеларискиот мебел во административните канцеларии - додава директорката.



Последниве години бројот на ученици е зголемен за 13 проценти

Јанкуловска го води училиштето нецели две години, а за овој период покрај целосно заменет мебел, има и други инвестиции. Бидејќи е зголемен бројот на ученици, целосно е реконструиран нов простор за настава, реконструирани се влезните скалила во школото, целосно е отстранет дефект на водоводна мрежа во спортската сала, поставени се бекатон-плочки околу училиштето и салата, цементирани се патеки и асфалтиран е училишниот двор и хортикултурно уреден, набавена е современа ИКТ-опрема и друго.
Како резултат на квалитетниот наставен процес, докажаниот професорски кадар и вложувањето во опрема во училиштето, се зголемува и бројот на запишани ученици. Во услови кога во повеќе училишта се намалува бројот на ученици поради намалениот наталитет и иселувањето, тука бележи раст. Само во права година има 170 ученици, односно 5 паралелки со максимум 34 ученици. Бројот на запишани ученици во последните години е зголемен за 13 проценти. И годинава се очекува уште во првиот уписен рок да бидат пополнети сите места. Училиштето успева да привлече ученици не само од Битола, туку и од околните општини.



Фото: приватна архива