Пестицидите ги заглупавуваат пчелите

Пестицидите ги заглупавуваат пчелите

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Можеби кога некој ќе спомене пчели, првин помислувате на нивната слатка форма и навидум бесцелен интерес за цвеќиња. Но, под црно-жолтите линии се крие неверојатен ум.

Нова студија собира докази од 23 студии за пчели и бумбари. Резултатите посочуваат на фактот дека нивоата на пестициди што сега се сметаат за безбедни за употреба можеби имаат големо влијание врз опстанокот на пчелите.

Иако изгледаат едноставно, пчелите имаат многу тешка работа, вели авторот на студијата Хари Сивитер и додава дека за ефикасно да најдат и да соберат храна со која би се вратиле назад во кошницата, пчелите мора брзо да научат да ги препознаваат и да ги паметат најефикасните патишта за барање храна. Како врв на сето тоа, рутите се менуваат со сезоните и други фактори. Пчелите паметат дури и кои цвеќиња ги посетиле неодамна и не губат време да се враќаат таму.

За сето ова е потребна добра меморија и способност за учење - нешта кои кај пчелите се набљудувани со многу лабораториски студии. Кога пчелите е приближуваат до мирис на нектар, тие почнуваат да го вадат јазикот надвор. Во експериментите, истражувачите ги изложиле пчелите на пестициди и тогаш гледале што се случува кога пчелите бараат храна, дали ги вадат јазиците надвор. Сивитер и неговите колеги ги собрале податоците од 23 вакви студии и ги анализирале резултатите.

Фото: Pixabay

Утврдиле дека дозите на пестициди кои се еднакви на она што пчелите може да го сретнат во полињата имаат значителни негативни ефекти на учењето и меморијата. Тоа се потврдило и кога пчелите биле одненадеж изложени на голема количина пестициди и кога биле изложувани на пестициди по малку, но во подолг период. Исто така, резултатите се потврдиле и без разлика на тоа дали пчелите биле изложени на неоникотиноиди, класа пестициди кои се користат од 90-тите, или, пак, на некои други пестициди.

Актуелните регулативи за пестицидите се насочени кон осигурување дека не се користат на ниво на кое убиваат пчели. Но, овие моментално легални количини очигледно ги заглупавуваат пчелите.

Другото прашање што овие резултати го покренуваат е како овие пестициди влијаат врз помалку проучуваните типови пчели. Не сите пчели живеат колективно, многу диви пчели не живеат во колонии и ако нивната меморија или нивното учење е погодено, нема други пчели што би ни завршиле работа.

Пестицидите се неопходен дел од опсежното индустриско земјоделство и одредено изложување на пчелите на пестициди е неизбежно, но прашањето што не е одговорено со регулатива е колку нанесена штета на пчелите е прифатлива.