НАСА објави неверојатна мапа со сите познати егзопланети

НАСА објави неверојатна мапа со сите познати егзопланети

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

НАСА објави мапа од повеќе од 4.000 егзопланети за кои се знае дека постојат надвор од нашиот Сончев Систем. Мапата е во форма на видео во кое е прикажано колку егзопланети се откривани секоја година од 1991 година.

Егзопланетите не ни се интересни само затоа што орбитираат околу разни ѕвезди, туку и затоа што имаат потенцијал за живот.

Ова е импресивна визуализација на тоа како сме го откривале надворешниот свет оддалечен многу светлосни години. Тоа делумно е благодарение на вселенскиот телескоп „Кеплер“, кој ги истражуваше далечините на длабоката вселена.



Иако „Кеплер“ мораше да биде пензиониран минатата година, други сателити и вселенски телескопи продолжија со мисијата, како што е транзитниот сателит за истражување на егзопланети на НАСА, кој неодамна ја забележа најмалата егзопланета.

Вонсончева планета (егзопланета или екстрасоларна планета) е планета надвор од нашиот Сончев Систем која орбитира околу некоја ѕвезда. До 1 октомври 2017 г. се откриени вкупно 3.671 вонсончева планета. Најголемиот дел од нив се откриени преку набљудување на брзината на ѕвездите и некои други посредни методи, а не преку непосредно набљудување.

Повеќето откриени вонсончеви планети се огромни гасовити џинови, слични на Јупитер. Скорашните откритија на многу помали светови укажуваат на тоа дека не толку сјајните карпести планети се помногубројни од гасовитите џинови.

Најблиската вонсончева планета до Земјата е Алфа Кентаур Bb откриена во 2012 г.