Сè повеќе луѓе во светот бараат полесен начин до подобро здравје, слабеење, зголемување на мускулната маса, повеќе енергија или побрзо закрепнување. Интернетот и социјалните мрежи се преполни со реклами за препарати што ветуваат спектакуларни резултати, често со тврдењето дека претставуваат „најново откритие на медицината“ или дека фармацевтската индустрија ги „крие од јавноста“. Сепак, токму ваквите производи можат да претставуваат сериозен ризик за здравјето.
Најновото предупредување пристигна од Австралија, каде што здравствените власти пријавија повеќе случаи на акутно оштетување на црниот дроб кај лица што користеле препарат означен како ретатрутид, експериментален пептид кој не е регистриран за продажба. Експертите се сомневаат дека проблемот не е во самата супстанција, туку и во можните контаминанти пронајдени во производите купени преку интернет и социјалните мрежи.
Овој случај повторно го отвора важното прашање - зошто постојат клинички испитувања и зашто лекот не смее да се користи додека не ги помине сите фази на проверка?
Клиничките испитувања не се бирократија, туку заштита на пациентите
Кога ќе се појави нов молекул кој ветува добри резултати, тој не станува веднаш лек. Напротив, патот од лабораторија до аптека трае со години. Пред лекот да добие дозвола за употреба, тој поминува низ неколку фази на клинички испитувања, во кои се испитува:
-дали навистина дејствува
-која доза е безбедна
-какви несакани ефекти предизвикува
-кај кои пациенти е најкорисен
-како реагира во комбинација со други лекови.
Дури кога регулаторните агенции ќе проценат дека придобивките се поголеми од ризиците, лекот може да добие одобрение за употреба. Без овој процес никој не може со сигурност да знае какви последици може да има некоја супстанција неколку месеци или години по употребата.
Нерегистриран производ не е исто што и лек
Една од најголемите заблуди е дека сè што се продава на интернет е автоматски безбедно. Во реалноста многу препарати што се рекламираат како пептиди, хормони или „истражувачки хемикалии“ никогаш не поминале контрола на квалитетот.
Тоа значи дека корисникот често не знае:
-дали производот навистина ја содржи декларираната супстанција
-колкава е вистинската концентрација на активната состојка
-дали препаратот е стерилен
-дали содржи бактерии, токсини или други хемиски нечистотии
-во какви услови е произведен и складиран.
Токму поради тоа, здравствените власти во Австралија сметаат дека случаите на оштетување на црниот дроб се можеби последица на контаминација на производот, а не само на самиот експериментален пептид.
Зошто „рета“ стана толку популарна на социјалните мрежи?
Последните месеци социјалните мрежи, особено посветени на фитнес на „Тик-ток“, „Инстаграм“ и „Телеграм“ се преполни со објави за препаратот кој корисниците едноставно го нарекуваат „рета“. Станува збор за ретатрутид, како што веќе рековме, експериментален лек кој сè уште се наоѓа во фаза на клинички испитувања и не е одобрен за рутинска употреба.
Популарноста ја стекна поради раните резултати од научните студии, кои покажаа дека би можел да доведе до значајно губење на телесната маса, но и да влијае врз регулацијата на шеќерот во крвта и метаболизмот на мастите. Токму поради тоа, одредени инфлуенсери и продавачи го претставуваат како „следна генерација“ на лекови за слабеење, па дури и како препарат кој е посилен од постојните регистрирани лекови, како што се „оземпик“ и „вегови“.
Сепак, помеѓу ветувачките резултати од клиничките истражувања и безбедниот лек што им се издава на пациентите постои огромна разлика. На социјалните мрежи често се објавуваат фотографии од трансформации, препораки за дозирање и линкови до продавачите, но речиси никогаш нема податоци за потеклото на производот, начинот на производство или контролата на квалитетот. Токму поради тоа, експертите предупредуваат дека шишенцето купено преку интернет може да содржи сосема поикаква супстанција, погрешна концентрација или штетни нечистотии.
Најголемиот проблем е што никој не знае што има во шишенцето
Кај нерегистрираните производи најголемата опасност не е само непознатата ефикасност, туку и непознатата содржина. За разлика од лековите што се произведуваат според строги фармацевтски стандарди, препаратите купени преку интернет можат да содржат сосем поинакви супстанции од оние наведени на етикетата.
Тоа го зголемува ризикот од:
-сериозни алергиски реакции
-инфекции по инјекциска примена
-локално оштетување на ткивото
-труење
-оштетување на црниот дроб и на бубрезите
-потенцијално животно загрозувачки компликации.
Кога треба да се побара помош?
Секој што користел нерегистриран препарат, особено купен преку интернет или социјалните мрежи, би требало веднаш да се обрати кај лекар доколку се појават:
-изразен замор
-болка под десниот реберен лак
-темна урина
-жолтило на кожата или белките на очите
-чешање на кожата
-модринки или крвавење.
Овие симптоми можат да укажуваат на сериозно оштетување на црниот дроб кое бара итна дијагностика и лекување.
Медицината не познава скратени патчиња
Последните години сè попопуларни се експерименталните пептиди кои се рекламираат како средства за слабеење, зголемување на мускулната маса, подмладување или побрзо закрепнување. Иако некои од овие соединенија навистина покажуваат ветувачки резултати во научните истражувања, тоа не значи дека се подготвени за широка употреба.
Додека не поминат соодветни клинички испитувања и не добијат одобрение од регулаторните агенции, нивната безбедност и ефикасност не се потврдени. Купувањето вакви препарати преку интернет или социјалните мрежи претставува ризик кој може да има сериозни последици врз здравјето.
Затоа веста од Австралија не е само локално предупредување. Таа потсетува дека во медицината непровереното не значи иновативно, туку може да значи и опасно.
Фото: magnific