„Натпреварите ми покажаа дека преку информатиката може да се комбинираат логика, креативност и практично решавање проблеми и тоа искуство ми помогна во одлуката да студирам компјутерски науки“, вели Никола Петровски, кој беше прогласен за еден од најдобрите дипломирани студенти за академската 2024/2025 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Никола Петровски беше најдобар студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и студиите ги заврши со просек 10.
- Чест ми е и горд сум што сум еден од најдобрите студенти во Македонија и тоа е признание за трудот што го вложив низ годините, но да се биде еден од најдобрите е и голема обврска. Да се заврши со чиста 10-ка не е лесно. За чиста десетка, потребни се дисциплина, постојаност и посветеност, но и желба и мотивација континуирано да се подобруваш и да бидеш меѓу најдобрите. Секако, имаше и тешки периоди, но кога постои јасна цел пред тебе, многу полесно е да се најде мотивација да се продолжи понатаму. Тука мора да ја споменам и поддршката од семејството, кое секогаш беше тука за мене, и професорите кои секогаш успеваа да одговорат на моите љубопитни прашања - ги сподели своите впечатоци за Факултети.мк најдобриот студент од ФИНКИ, Никола Петровски.
Интересот кон компјутерските науки кај него се развивал постепено, прво преку математиката во основно училиште затоа што му се допаднал логичкиот начин на размислување и решавањето проблеми.
- Математиката ми помогна да развијам дисциплина и аналитички пристап, што подоцна се покажа како многу важно и во областа на компјутерските науки. Во средно училиште почнав поактивно да се интересирам за информатика, најмногу преку натпреварите по информатика. Тие натпревари ми покажаа дека преку информатиката може да се комбинираат логика, креативност и практично решавање проблеми. Токму тоа искуство во голема мера ми помогна да одлучам дека сакам да студирам компјутерски науки и понатаму да се развивам во оваа област - вели Никола.
Како најголем предизвик во текот на студиите го издвојува третиот семестар, пред сè, поради значителниот скок во тежината на предметите. За разлика од предметите од првата година, за кои веќе имал претходно знаење благодарение на натпреварите по информатика, предметите во третиот семестар биле целосно ново искуство за Никола.
- Дополнително, овој семестар би го издвоил како особено тежок бидејќи тоа беше првиот период од моето студирање во кој вистински го почувствував факултетскиот систем, поради претходните ограничувања поврзани со корона-пандемијата.
Во однос на предметите што ми побудија најголем интерес, би ги издвоил математиките. Иако математичките предмети беа меѓу најтешките, тие воедно ми беа и едни од најинтересните. Отсекогаш сум имал афинитет кон математика, особено поради нејзината прецизност, логика и начинот на кој овозможува сложени проблеми да се разберат преку јасни и формални принципи.
Ова особено ми беше корисно за време на моите магистерски студии и работата на магистерската теза. Во областа на машинското учење, не е доволно само да се користат готови модели или алатки, клучно е да се разбере теоријата што стои зад нив. Познавањето на математичките основи, како линеарна алгебра, оптимизација, веројатност и анализа, ми помогна многу подобро да ги разберам моделите со кои работам, нивните ограничувања и начините на кои можат да се подобрат - објаснува Петровски и додава дека професорите на ФИНКИ биле посветени на студентите кои покажувале интерес и подготвеност да научат нешто ново.
- Тие не само што беа спремни да помогнат и да советуваат, туку често нè мотивираа да се развиваме и надвор од редовната настава. Професорите активно го поддржуваа нашиот кариерен и академски развој, било преку можности за туторство, учество во истражувачки проекти или соработка на проекти поврзани со индустријата - истакна тој.
Никола Петровски во моментов е на постдипломски студии по компјутерски науки на Универзитетот „Оксфорд“, каде што, како што вели, има можност да го продлабочи своето знаење во области кои особено го интересираат, како што се машинското учење и компјутерската визија.
-Во рамките на мојата магистерска теза работам на истражување од областа на компјутерската визија. Поконкретно, мојата работа е насочена кон разбирање и моделирање визуелни сцени од една слика, со цел компјутерските системи подобро да ја интерпретираат структурата на сцената, објектите во неа и нивните меѓусебни односи. Оваа област е особено возбудлива бидејќи има широка примена во интелигентни алатки за обработка на визуелни податоци.
Искуството во странство, особено во академска средина како „Оксфорд“, ми овозможи да работам во интернационална и истражувачки ориентирана средина, каде што се охрабрува критичко размислување и соработка со луѓе од различни академски и културни средини. Тоа ми помогна не само да се надградам професионално, туку и да стекнам поширока перспектива за тоа како се развиваат современите технологии и како тие можат да се применат за решавање реални проблеми - вели Никола.
Со оглед на сите технолошки предизвици со кои се соочуваме, вклучително и вештачката интелигенција, го прашавме Никола каква е улогата на информатичарот во македонското општество.
- Според мене, улогата на информатичарот во македонското општество останува исклучително важна за економскиот развој на државата, особено во период кога технологијата и вештачката интелигенција (ВИ) сè повеќе го менуваат начинот на работа. И покрај стравовите дека ВИ може да замени дел од работните места, сметам дека за земја како Македонија, технологијата претставува повеќе можност отколку закана. Од економски аспект, ИТ-секторот е една од најважните гранки бидејќи создава работни места со висока додадена вредност, носи приходи од странски пазари и помага во задржување и развој на квалитетен кадар. Дополнително, неговото влијание не е ограничено само на софтверските компании. Преку дигитализација, автоматизација и анализа на податоци, информатичарите можат да помогнат и во подобрување на продуктивноста во други сектори како банкарство, здравство, образование, индустрија и јавна администрација - истакна Петровски.
Тој смета дека Македонија има потенцијал во оваа област.
- Затоа, сметам дека информатичарите ќе имаат сè поголема улога во македонската економија. Во време на брзи технолошки промени, земјите што ќе успеат паметно да инвестираат во знаење, дигитални вештини и иновации ќе имаат значително поголема шанса за одржлив економски развој. Македонија има потенцијал во оваа област, а ИТ-секторот може да биде еден од главните носители на тој развој - заклучи најдобриот студент на ФИНКИ за учебната 2024/25.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.