Од Економскиот факултет во Прилеп до целиот УКЛО - QUADRUPLE HELIX модел за посилна врска меѓу универзитетот и пазарот на трудот

Од Економскиот факултет во Прилеп до целиот УКЛО - QUADRUPLE HELIX модел за посилна врска меѓу универзитетот и пазарот на трудот

Современото високо образование сè повеќе се темели на отвореност, партнерство и активно вклучување на сите релевантни чинители за креирање квалитетни и конкурентни студиски програми. Во таа насока, Економскиот факултет – Прилеп, го разви и пилотираше пристапот QUADRUPLE HELIX – модел што ги поврзува академската заедница, работодавачите, студентите и алумните во заеднички процес на унапредување на високото образование. Преку анкетни истражувања, статистичка анализа, фокус-групи и заеднички форум, пристапот овозможи потребите на пазарот на трудот, академските стандарди и искуствата на клучните чинители да се преточат во конкретни насоки за развој на студиските програми. Искуствата и перспективите на претставниците на академската, деловната заедница и студентите ја потврдуваат вредноста на овој модел како основа за посилна, систематизирана и одржлива соработка. За значењето на овој пристап и неговиот потенцијал за поширока примена на ниво на УКЛО, свои согледувања споделуваат претставници на клучните чинители.

1

Деканката на Економскиот факултет – Прилеп, проф. д-р Татјана Спасеска посочува дека - пресудна за иницирање на пристапот на четирикратна спирала во развојот и унапредувањето на студиските програми на Економскиот факултет – Прилеп беше потребата од систематизирана и континуирана соработка меѓу академската заедница, работодавачите, студентите и алумните. Целта е развивање студиски програми ориентирани кон студентите, кои истовремено ќе обезбедат високо академско ниво и компетенции усогласени со современите потреби на пазарот на трудот. Иницијативата произлезе од потребата за продлабочување на комуникацијата и размена на искуства меѓу сите релевантни чинители, со цел навремено идентификување на знаењата, вештините и квалификациите што се очекуваат од дипломираните студенти. Вклучувањето на поширок круг засегнати страни овозможува потребите на работодавачите да бидат соодветно интегрирани во курикулумите, а истовремено придонесува за јакнење на меѓусебната доверба и градење одржливи партнерски односи меѓу Факултетот и бизнис-заедницата. Реализацијата на овој процес беше резултат на заедничкиот ангажман на раководството на Факултетот, академскиот кадар и релевантните партнери, при што значајна улога во координацијата и имплементацијата на активностите имаше продеканот проф. д-р Никола Димески. Активностите беа реализирани во две последователни фази: анкетно истражување меѓу Факултетот и деловните субјекти и организирање Форум за соработка. Врз основа на резултатите од истражувањето, беа формирани седум фокус-групи кои ги дефинираа општите и специфичните компетенции и квалификации за секоја студиска програма, како и можните форми на соработка со работодавачите. Добиените сознанија претставуваа значаен инпут во процесот на акредитација на новите студиски програми. На овој начин, преку директно вклучување на академската заедница, работодавачите, студентите и алумните, се создаваат современи и квалитетни студиски програми кои ги поврзуваат академските знаења со практичните вештини, ја зголемуваат вработливоста и конкурентноста на студентите и создаваат придобивки за Факултетот, работодавачите и заедницата во целина.

2

Пристапот на четирикратна спирала, или QUADRUPLE HELIX, претставува модел за градење партнерски односи и соработка меѓу четири клучни групи чинители: академската заедница, работодавачите, алумните и студентите, нагласува проф. д-р Марјан Ангелески. Целта е креирање нови и унапредување на постојните студиски програми, како и воспоставување одржливи форми на соработка меѓу високообразовните институции и деловната заедница. Пристапот го конципиравме во три меѓусебно поврзани столба. Првиот се однесува на идентификување и операционализација на одржливи модели на соработка меѓу Универзитетот, факултетите и работодавачите, со вклучување на академскиот кадар, студентите, алумните, деловната заедница и креаторите на политики. Овие форми на соработка можат да бидат интегрирани во студиските програми или реализирани преку центрите за кариера и други воннаставни активности. Вториот столб е насочен кон идентификување на знаењата, вештините и компетенциите што студентите треба да ги поседуваат по дипломирањето. За таа цел се анализираат барањата во огласите за вработување, резултатите од учењето во постојните предметни програми, како и споредливи студиски програми од домашни и европски универзитети. Идентификуваните компетенции се групираат во општи, односно преносливи и меки вештини, и специфични стручни компетенции. Врз таа основа се спроведува анкетно истражување меѓу работодавачите, академскиот кадар, алумните и студентите, со цел да се утврди оптималниот баланс меѓу академските знаења и компетенциите што ги бара пазарот на трудот. Третиот столб опфаќа верификација на добиените резултати преку фокус-групи и нивно јавно споделување на заеднички форум. При пилотирањето на пристапот на Економскиот факултет – Прилеп беа организирани седум фокус-групи, по една за секоја студиска програма, составени од претставници на академскиот кадар, релевантни работодавачи, алумни и студенти. Во рамките на фокус-групите беа разгледани и потврдени предложените резултати од учењето и можностите за нивно интегрирање во студиските програми.

3

Сублимираните резултати беа јавно презентирани на заеднички форум пред поширок круг засегнати страни и креатори на политики. На овој начин, QUADRUPLE HELIX обезбедува структуриран, аналитички и партиципативен пристап кон развојот на студиските програми, заснован истовремено на академските стандарди и на реалните потреби на пазарот на трудот.

Значаен сегмент во процесот на идентификување на потребните знаења, вештини и компетенции претставува статистичката анализа на податоците од спроведеното анкетно истражување. За методолошкиот пристап, применетите статистички методи и значењето на добиените резултати осврт дава проф. д-р Коста Сотироски. Според него -Статистичката анализа имаше клучна улога во објективното идентификување и рангирање на знаењата, вештините и компетенциите што се очекуваат од дипломираните студенти. Истражувањето беше спроведено врз примерок од 107 менаџери и работодавачи од различни сектори и дејности, со примена на двофазен примерок, со цел да се обезбедат објективност, репрезентативност и статистичка релевантност на добиените резултати. Податоците беа обработени со примена на дескриптивна статистика, мерки на централна тенденција и варијабилитет, графички прикази и Парето-дијаграми. Дополнително, беа користени табели на контингенција, тестови на независност и интервалско оценување со ниво на доверба од 95 проценти, што овозможи подлабока анализа и статистичко заклучување за ставовите на испитаниците. Посебен акцент беше ставен на анализата на стручните знаења, вештините и компетенциите, општите способности, како и критериумите што работодавачите ги применуваат при изборот и вработувањето кадри. Врз основа на добиените резултати беше дефиниран коефициент на важност, преку кој се изврши рангирање на најзначајните компетенции за секоја студиска програма. За откривање на посложените врски меѓу анализираните варијабли беа применети и напредни статистички методи, меѓу кои истражувачка факторска анализа (EFA) и анализа на главни компоненти (PCA). Овие методи овозможија идентификување на заедничките фактори и структурите во ставовите на испитаниците, создавајќи основа и за понатамошна примена на кластерска анализа. На овој начин, статистичката анализа обезбеди објективна и аргументирана основа за идентификување на најрелевантните резултати од учењето и нивно поврзување со реалните потреби на работодавачите и пазарот на трудот. Добиените сознанија претставуваат значаен инпут за развој и унапредување на студиските програми.

Од Економскиот факултет во Прилеп особено се задоволни од вклученоста и улогата на студентите и алумните во унапредувањето на студиските програми и развојот на Факултетот. Една од нив е Ива Алампијоска - Студентите имаат значајна улога во унапредувањето на студиските програми, бидејќи се директно вклучени во образовниот процес и можат непосредно да ги согледаат неговите предности, предизвици и можности за подобрување. Преку споделување мислења, идеи и предлози, тие можат да придонесат за модернизирање на студиските програми, воведување повеќе практична работа и подобро усогласување на наставните содржини со потребите на пазарот на трудот.

5

Значајна е и улогата на алумните, кои преку своето професионално искуство можат да дадат вредни повратни информации за применливоста на стекнатите знаења и за компетенциите што ги бара реалниот сектор. Континуираната комуникација меѓу студентите, алумните и академскиот кадар овозможува навремено препознавање на предизвиците и создавање поквалитетен и поефикасен образовен процес. Студентите претставуваат важна врска меѓу академската средина и реалниот сектор. Преку учество во проекти, практична работа, конференции, обуки, студентски организации и различни иницијативи, тие придонесуваат за поголема комуникација, соработка и размена на идеи меѓу академијата, компаниите, институциите и заедницата. Ваквите активности овозможуваат подобро поврзување на теоретското знаење со практичната примена и отвораат нови можности за соработка и размена на искуства. Преку својата иницијативност и активно учество, студентите придонесуваат за создавање поотворена и подинамична академска средина, како и за посилна и поодржлива поврзаност на Факултетот со пошироката заедница.

Суштината на QUADRUPLE HELIX пристапот е во воспоставувањето двонасочен дијалог меѓу академијата и реалниот сектор. Токму активното учество на работодавачите и Стопанската комора овозможува подобро разбирање на потребите на пазарот на трудот и креирање студиски програми што одговараат на современите професионални предизвици. Во тој контекст, свои согледувања за можностите за понатамошно унапредување на соработката меѓу академијата и стопанството споделува д-р Орде Ѓорѓиоски, директор на Секторот за правни и општи работи во „Витаминка“ АД Прилеп.

6

- Најголем потенцијал за соработка меѓу академијата и стопанството постои во развојот на модели за дуално високо образование. Акцентот треба да биде ставен на практичната работа на студентите во компаниите, со цел уште во текот на студирањето да стекнат вештини што ќе им овозможат побрзо вклучување во работните процеси. Добро осмислените програми треба да вклучуваат менторска поддршка, јасни планови за работа и соодветен финансиски надомест. Значаен потенцијал постои и во вклучувањето на стопанството во академски и меѓународни проекти, што може да создаде додадена вредност и конкретни придобивки за сите учесници. Истовремено, стручњаците од практиката треба поактивно да се вклучуваат во наставата, особено во применетите дисциплини. Пренесувањето практични и специфични знаења може значително да придонесе за подобра подготовка на идните кадри, поголема атрактивност на студиските програми и подобри можности за вработување на студентите. Кај дел од дипломираните студенти се забележува недостиг од аналитички и истражувачки пристап, пошироки стручни познавања и јасна професионална ориентација. Ориентацијата кон брзо достапни, но често нецелосни информации дополнително ја нагласува потребата од развивање критичко размислување, аналитичност и подлабоко познавање на избраната професија. Компаниите можат значително да придонесат за надминување на овие предизвици преку дуално високо образование, учество во заеднички проекти и директно вклучување на стручњаци од практиката во наставниот процес. Континуираната соработка меѓу академијата и деловниот сектор е клучна за создавање квалитетни кадри со релевантни теоретски и практични знаења, подготвени да одговорат на реалните потреби на пазарот на трудот.

Перспективите на клучните чинители – Факултетот, бизнис-заедницата и студентите – претставуваат силна основа за поширока институционална имплементација на моделот на ниво на УКЛО. - Како Центар за кариера, алумни и доживотно учење при УКЛО, пристапот развиен преку активностите на Економскиот факултет – Прилеп во рамките на QUADRUPLE HELIX форумот го препознаваме како успешен и применлив модел што создава суштинска поврзаност меѓу студентите, академската заедница, алумните и работодавачите, нагласува директорката на Центарот, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска Во координација со Економскиот факултет – Прилеп и со поддршка на ректорот на УКЛО, стратешка насока е овој пристап да се прошири и приспособи на сите единици на Универзитетот, согласно нивните специфики и потреби. Преку координативната улога на Центарот и мрежата на факултетски координатори, работиме на систематизирање на добрите практики и нивно интегрирање во унифициран, но флексибилен модел на соработка. Како следна конкретна активност е предвидено воспоставување централизирана платформа за соработка, која ќе овозможи систематско мапирање и активирање на алумни-заедницата, креирање база на партнери и работодавачи, организирање тематски QUADRUPLE HELIX форуми и директно поврзување на студентите со практикантства, менторство и проектни активности. Крајната цел е воспоставување структуриран, одржлив и применлив модел на соработка што ќе придонесе за кариерниот развој на студентите и ќе ја зајакне поврзаноста меѓу Универзитетот и пазарот на трудот.

7

Позитивното и значајно искуството од Економскиот факултет – Прилеп отвора можност овој модел на соработка да прерасне во поширока универзитетска практика, оценува и проректорот за настава, проф. д-р Цветко Андреески. За значењето на пристапот и неговата потенцијална имплементација на ниво на УКЛО, ректорот, Игор Неделковски. посочува: - Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола го оценува пристапот развиен на Економскиот факултет – Прилеп како вреден и стратешки значаен модел за унапредување на високото образование. Соработката меѓу академската заедница, работодавачите, студентите и алумните, дополнително зајакната со вклучување на креаторите на политики, овозможува систематизиран и аналитичен пристап кон усогласувањето на студиските програми со реалните потреби на пазарот на трудот и општеството. Особена вредност на моделот е неговата практична применливост. Преку анкетни истражувања, фокус-групи и заеднички форуми се обезбедуваат конкретни и релевантни информации што можат директно да придонесат за развојот и унапредувањето на студиските програми. УКЛО гледа реална можност овој пристап да се применува и на другите единици на Универзитетот, со соодветно приспособување кон спецификите на различните научни области. Универзитетот планира систематизацијата да ја спроведе на повеќе рамништа. Методологијата развиена и тестирана на Економскиот факултет – Прилеп, која опфаќа идентификување на компетенциите, анкетни истражувања со релевантните чинители, фокус-групи и заеднички форуми, ќе биде документирана како универзитетска добра практика и ставена на располагање на сите единици, со координативна поддршка на ниво на Ректоратот. Резултатите од овој пристап ќе се интегрираат во постојните универзитетски механизми за соработка, самоевалуација и обезбедување квалитет, како и во процесите на акредитација и ревизија на студиските програми. На тој начин, добрите практики нема да останат изолирана факултетска иницијатива, туку ќе станат дел од институционалниот систем за континуирано унапредување на квалитетот. Дополнително, УКЛО ќе поттикнува воспоставување координативни механизми на ниво на универзитетските единици, со цел да се обезбедат континуитет, споредливост на резултатите и долгорочна одржливост на соработката со работодавачите и алумните. Крајната цел е создавање студенти со конкурентни знаења и вештини, студиски програми усогласени со потребите на општеството и Универзитет кој е доверлив партнер на стопанството и заедницата.

QUADRUPLE HELIX пристапот покажа дека квалитетното високо образование се гради преку дијалог, релевантни податоци и заедничко дејствување. Поврзувањето на академската експертиза со искуството на работодавачите, перспективата на алумните и потребите на студентите создава основа за студиски програми што се академски квалитетни, современи и усогласени со реалните потреби на општеството и пазарот на трудот. Пилотираниот модел претставува значаен чекор кон воспоставување поширок и одржлив систем на соработка на ниво на УКЛО. Со негово понатамошно развивање и приспособување кон спецификите на различните универзитетски единици, се отвора простор за посилни партнерства, повеќе можности за практично учење и кариерен развој и создавање кадри подготвени за предизвиците на современото професионално опкружување.

Заедничката цел е јасна: Универзитет што учи од своите партнери, студиски програми што се развиваат во чекор со промените и студенти подготвени со знаење, вештини и компетенции да ја градат својата професионална иднина.

(Комерцијална објава)