Ако автономните ботови купуваат, преговараат и плаќаат во име на луѓето, ќе им биде потребен и начин за решавање на споровите. Криптокомпаниите сметаат дека блокчејнот и ВИ-поротите можат да понудат решение.
Во не толку далечна иднина, сите ќе користиме таканаречени ВИ-агенти. Поврзани со облакот, тие ќе живеат во вашиот мобилен телефон, подготвени да помогнат во извршувањето на речиси секоја задача. Од одговарање на е-пошта и резервирање летови до оптимизација на даночните загуби во вашето инвестициско портфолио.
Корисниците на Робинхуд веќе користат ВИ-агенти за анализа на осцилациите на берзата и за автономно тргување врз основа на однапред дефинирани упатства. Џул на САП им помага на деловните корисници да ги анализираат резервите, да ги најдат најдобрите добавувачи и да набавуваат стоки. Агентите за купување кои работат со компјутерска брзина, како услугата на „Амазон“, „Бај фор ми“, ќе го пребаруваат интернетот во потрага по најдобрите понуди, ќе преговараат за условите со агентите што го застапуваат продавачот, ќе договараат рокови за испорака и ќе ги извршуваат купувањата.
Познатите компании за ВИ и крипто веќе се тркаат да ја претворат во реалност оваа иднина во која главната улога ја имаат ботовите.
Првиот ВИ-суд
Но, што се случува кога каучот што го нарачал вашиот агент ќе пристигне во погрешна боја? Или кога ќе биде испорачан две недели подоцна од договореното? Или кога ќе стигне оштетен, а продавачот тврди дека оштетувањето настанало по испораката?
Тоа е потенцијално скап и можеби неизбежен проблем што се крие зад големата визија за агентската трговија. Софтверот веќе може да купува, да преговара, да ангажира соработници и да плаќа во име на луѓето и компаниите, но ВИ-моделите и понатаму халуцинираат, а трговијата никогаш не била само размена на пари. Грешките се неизбежни.
„Агентската трговија се приближува кон критична пресвртница, а ние не сме подготвени за можните последици“, вели Дејвид Риудор. Тој е извршен директор и коосновач на фондацијата „Џен Лејер“, организација од Кајманските Острови. Таа помага во управувањето со новиот блокчејн „Џен Лејер“ и неговата главна апликација Интернет-суд - наменета за решавање на споровите меѓу ВИ-агентите. Судот функционира без човечка интервенција, а е поддржан од уште 26 криптокомпании и компании за ВИ, меѓу кои се и големи играчи како криптоберзата ОКХ, давателот на паричници Мета маск и БНБ-чејнот на Бајненс.
Колку и да звучи амбициозно и футуристички, Интернет-судот не е обид судиите целосно да се заменат со група ботови. Повеќе би можел да се опише како систем што им помага на агентите да склучуваат договори со јасно дефинирани услови. Доколку тие не успеат да постигнат согласност за исходот, ВИ-поротата ги оценува доказите и носи пресуда за само неколку минути.
Корисно за спорови со мала вредност
Риудор вели дека оваа технологија е најкорисна за помали трансакции. Кај нив ангажирањето адвокат би било нерационално, но непреземањето ништо и понатаму би било скапо.
- Не се обидуваме да му конкурираме на правосудниот систем. Само сакаме да понудиме алтернатива во ситуации кога ангажирањето адвокат за спор вреден 10.000 долари не е исплатливо. Наместо тоа, можете да го користите овој систем за да дојдете до решение што на крајот може да ве чини само неколку центи - вели Алберт Кастелјана, извршен директор на компанијата „Џен Лејер лабс“, која го разви овој блокчејн.
Потенцијалниот пазар би можел да биде огромен. Според податоците на Адоби аналитикс, сообраќајот кон страниците за малопродажба кој доаѓа преку ВИ-системи е зголемен за повеќе од 14 пати од октомври 2024 година. Мекинси проценува дека ВИ-агентите до 2030 година би можеле да посредуваат во глобалната потрошувачка трговија вредна меѓу три и пет трилиони долари. Сепак, најголемиот дел од инфраструктурата што се создава под оваа нова економија и понатаму е насочен кон идеалното сценарио. Агентот го наоѓа она што неговиот сопственик го сака, плаќа, го добива производот или услугата и продолжува понатаму.
Засега, Интернет-судот се користи во значително поограничени случаи. „Колектив мемори“, социјална платформа која ги наградува корисниците за објавување фотографии, видеоснимки и извештаи во реално време, го користи „Џен Лејер“ кога треба да се процени дали некоја оспорена фотографија или снимка е можеби лажна. На пример, видео од бомбардирано училиште во Газа или снимка од улиците на Техеран. Тогаш Интернет-судот ги анализира достапните докази поврзани со објавата – вклучувајќи ги времето и локацијата на настанување, поврзаните објави и претходната активност на корисникот – и носи одлука дали содржината ја смета за автентична.
Крајната цел на креаторите на Интернет-судот е системот автоматски да интервенира кога ВИ-агентите ќе почнат да се спорат меѓу себе.
Улогата на блокчејнот
Замислете мала интернет-продавница за облека чија сопственичка поголемиот дел од секојдневните работи им ги препуштила на ВИ-агенти. Еден управува со резервите, друг купува реклами, трет нарачува креативни услуги. Сопственичката бара ново лого, а нејзиниот агент наоѓа дизајнер кој исто така е застапуван од ВИ-агент. Двата агенти се договараат за дизајнот, цената и рокот на испорака. Логото пристигнува и на прв поглед изгледа одлично. Сè додека пребарувањето по обратен пат не покаже дека е преземено од туѓо портфолио.
Интернет-судот би требало да ги решава токму ваквите ситуации со тоа што им овозможува на агентите однапред да ги усогласат условите за соработка. Парите ги депонираат на доверителна сметка и секој спор го проследуваат до поротата пред средствата да бидат исплатени.
Тука на сцена стапува блокчејн-технологијата. Поротата е составена по случаен избор - пет учесници во блокчејн-мрежата, односно валидатори. Секој користи различен ВИ-модел (на пример Клод, ГПТ или Џемини. Еден од петтемина се избира за претседавач и предлага одлука. Преостанатите гласаат независно, без да ги гледаат ставовите на другите членови. Потоа откриваат дали се согласуваат со предлогот. Доколку постои консензус, се отвора триесетминутен период за оспорување на одлуката, во кој агентот или човекот може да поднесе приговор со депонирање финансиска гаранција. Доколку некој го оспори резултатот, поротата се проширува на 11 валидатори, а потоа и повеќе, сè додека не се постигне консензус и никој повеќе не ја оспорува пресудата.
Ризикот сепак постои
Ендру Хол, професор на Бизнис-школата на „Стенфорд“ истражувачки советник на криптотимот на инвестициската фирма „Андресен Хоровиц“, напиша дека користењето големи јазични модели (LLM) како арбитри би можело да им овозможи на пазарите за предвидување полесно да се шират, бидејќи не е можно да се поткупат. Нивните резултати брзо се подобруваат. Сепак, тој предупредува дека моделите и понатаму халуцинираат и дека со нив може да се манипулира преку внимателно дизајнирани промпти или компромитирани податоци за обука.
Линдзи Лин, директорка на њујоршката криптоинвестициска фирма „Драгонфлај“, го гледа истиот проблем.
-Многу ЛЛМ-модели можат да бидат меѓусебно поврзани бидејќи ги делат истите податоци за обука и сличните обрасци на грешки, додека луѓето главно се понезависни во своето расудување - вели таа.
Вистинските судови веќе одлучуваат за тоа што се случува кога ВИ-агентите ги прекршуваат правилата. Во еден од најзвучните случаи поврзани со вештачката интелигенција, „Амазон“ во ноември 2025 година ја тужеше компанијата „Перплексити“ тврдејќи дека нејзиниот ВИ-прелистувач Комет пристапувал до корисничките сметки, се претставувал како стандарден прелистувач Гугл Хром и извршувал купувања без овластување. Со тоа тој ги прекршил условите за користење на „Амазон“. Во март, сојузниот судија во Калифорнија издаде привремена забрана со која на Комет му се оневозможува купување на „Амазон“. Апелациониот суд подоцна привремено ја суспендира примената на таа одлука додека ја разгледува жалбата на компанијата „Перплексити“.
Без оглед на тоа како ќе пресудат, овај случај укажува на многу поширок предизвик кој ја чека агентската трговија. Како да се контролираат милиони ВИ-агенти кои дејствуваат на различни платформи во име на корисниците кога не постои заеднички механизам за спроведување на правилата?
Фото: magnific