Гази Баба вложува во иновативни проекти за производство на медовина и ефикасно искористување на водата за наводнување

Гази Баба вложува во иновативни проекти за производство на медовина и ефикасно искористување на водата за наводнување

Подготвил: Сања Јачевска

Факултетот за земјоделски науки и храна во континуитет ги поддржува студентите во нивната иновативна и научноистражувачка работа во текот на студиите. Според Земјоделскиот институт во Скопје, вложувањето во развивање и изразување на креативноста кај студентите, како процес што ѝ претходи на инвентивноста, е од исклучителна важност, како за личниот развој на младите индивидуи така и за целокупниот долгорочен развој на општеството

„Агроволтаик - влијание на фотоволтаиците врз почвената влага и ефикасното искористување на водата“, проект на студенти од Факултетот за земјоделски науки и храна - Скопје, и „Медовината како иновативен производ во пчеларството и винарството“ - проект на студенти од Земјоделскиот институт се иновативни револуционерни проекти што добија грант на јавниот повик „Предизвик за студенти иноватори“ објавен од страна на Општина Гази Баба за финансирање иновативни проекти на факултетите на територија на Општината.



Заштеда на водата во земјоделското производство

Факултетот за земјоделски науки и храна во континуитет ги поддржува студентите во нивната иновативна и научноистражувачка работа во текот на студиите. Проф. д-р Вјекослав Танасковиќ и проф. д-р Ордан Чукалиев од Катедрата за наводнување и заштита од ерозија на Факултетот за земјоделски науки и храна - Скопје се ментори на проектот под наслов „Агроволтаик - влијание на фотоволтаиците врз почвената влага и ефикасното искористување на водата“. Станува збор за нова технологија која ветува поефикасно производство на храна, намалување на употребата на вода, а истовремено на иста површина ќе се создаде енергија.

- Водата, енергијата и храната се основата на модерната цивилизација. Според „Глобал агрикултурал“, земјоделскиот сектор е убедливо најголемиот потрошувач на достапната слатка вода на Земјата - дури 70% се користат во земјоделството, трипати повеќе од пред 50 години. До 2050 година се проценува дека глобалната побарувачка за вода во земјоделството ќе се зголеми за дополнителни 19% поради потребите за наводнување. Приближно 40% од светската храна во моментов се одгледуваат на вештачки наводнувани површини. Токму поради тоа, се обидовме да изнајдеме иновативно решение како да ја заштедиме водата во земјоделското производство, истовремено се наметна и проблемот со силна енергетска криза, која сè повеќе нè тера да размислуваме за добивање чиста енергија од обновливи извори, како и покачувањето на цената на храната... И додека многу технологии ги унапредија овие компоненти одделно, многу малку од нив имаа цел да ги решат сите три компоненти одеднаш. Нашето размислување одеше кон тоа како да изградиме систем во кој ќе бидат вклучени сите три елементи - споделува Стојанче Нечковски, кој исто така е ментор на проектот.

Самото име „Агроволтаичен систем“ кажува дека е наменет за земјоделско и енергетско производство.

Иницијаторите на проектот истакнуваат дека агроволтаичниот систем за земјоделско производство вклучува фотоволтаични панели кои овозможуваат производство на електрична енергија и храна на иста површина, но и конзервација на вода. Воедно, знаејќи го вегетациониот период кај нас кој се одвива во летниот период (температурите се високи и ризикот од топлотен стрес кај растенијата е голем), фотоволтаичните панели кои се користат во агроволтаичното производство имаат и заштитна улога, во однос на интензитетот на светлина, како и при намалување на потрошувачката на вода.

- Како позитивни придобивки од проектот тие ги наведуваат контролата на содржината на влага во почвата, заштитата од топлотен стрес, целосната контрола врз наводнувањето, поголемите приноси на културата, повисокиот квалитет, културата е оптимално обезбедена со вода во текот на целата вегетација, намалувањето на загадувањето од најголемиот дифузен загадувач на водите – земјоделското производство, поквалитетната храна, заштедата на вода, енергетската ефикасност од обновливи извори - дополнува Нечковски.

Фото: Freepik

Старо-нов производ во пчеларството

Земјоделскиот институт во Скопје, пак, доби грант за спроведување на проектот „Медовината како иновативен производ во пчеларството и винарството“. Со грантот е предвидено да се формира едукативен пчеларник со техничко-технолошка опременост за производство на медовина (вино од мед), како иновативен производ во пчеларството и винарството во нашата земја.



- Медовината не е непозната за човештвото, туку се смета за најстар ферментативен производ што датира уште од пред 8.000 години, добиен со спонтана ферментација на мед, а се користел како драгоцена напивка во храната, духовните ритуали, обичаи и друго. Кај нас овој производ не се произведува и не е познат кај населението. Во рамките на технолошката фаза на проектот, студентите со менторска поддршка и по пат на експериментирање ќе се обидат да добијат неколку различни типови производи, односно освен медот како основна суровина за добивање на овој производ, дополнително ќе се експериментира со неколку различни овошни вкусови преку додавање сезонско овошје во технолошкиот процес. Во технолошкиот процес нема да се користат никакви штетни хемиски супстанции, затоа крајниот производ ќе биде еколошки и со висок квалитет. Опремата што ќе се набави за производство на овој производ ќе биде поставена на Земјоделскиот институт во Скопје, а ќе биде наменета за теоретска и практична едукација на студентите, пчеларите, особено на младите и жените кои сакаат да се занимаваат со ваков тип производство - информира д-р Марија Ѓошева-Ковачевиќ, раководител на одделението за агробизнис, економија и рурален развој.

Марија Ѓошева-Ковачевиќ

Диверзифицирање на понудата во руралните средини

Идејата за аплицирање на овој проект на научниот кадар и креативните студенти на Земјоделскиот институт, кои се вклучени во научните истражувања во винарството, ентомологијата и агроекономијата, произлезе од сè поголемата потреба да се развиваат креативни решенија во земјоделството и руралниот развој, кои ќе ја диверзифицираат понудата во руралните средини и ќе овозможат зголемување на приходите на руралните домаќинства и подобрување на квалитетот на живеење.

- Руралното население во Општината Гази Баба, како и пошироко во земјата, мигрира во градовите или се вработува надвор од земјоделскиот сектор, главно поради ниските приходи и неатрактивноста на земјоделските активности, особено кај младата популација. Следејќи го експоненцијалниот тренд на интересот за пчеларството и винарството од страна на младите, се обидовме да го ставиме нашиот истражувачки фокус токму во овие две области и да развиеме идеја за технологија на производство на медовина. Во нашето пчеларство, основен пчелин производ претставува медот, но исто така се добиваат и прополис, полен, перга, матичен млеч и пчелин восок. Медовината, која се смета како прва винска напивка во историјата на човековото постење, како пчелин производ ја има во некои земји, но кај нас не е позната како таква. Оттука и идејата на проектот да се инвестира во технички и човечки капацитети за спознавање на технолошките операции за добивање на овој производ, негова адаптација за наши услови и испитување на нејзините вредносни карактеристики - истакнува Марија Ѓошева-Ковачевиќ.



Производството на медовина како иновативен производ со додадена вредност и производ што се добива со релативно ниски производствени трошоци очекуваат да најде најголема примена кај населението во руралните средини, кои се занимаваат со пчеларство или винарство, или кои планираат да развиваат бизниси во земјоделството.

Освен социо-економското значење на проектот, тој ќе има значење и за зачувување на растителниот биодиверзитет, како и за зголемување на приносот во земјоделството и подобрување на квалитетот на земјоделските производи, поради големата биолошка вредност на пчелите како полинатори.



Според Ѓошева-Ковачевиќ, вложувањето во развивање и изразување на креативноста кај студентите, како процес што ѝ претходи на инвентивноста, е од исклучителна важност како за личниот развој на младите индивидуи така и за целокупниот долгорочен развој на општеството.

- Иновациите стануваат најважната алатка за успех. Особено ако зборуваме за руралните области кои поминуваат низ брза социо-економска промена поради сериозните притисоци од глобализацијата на пазарот, ниската профитабилност на земјоделските производи, новите барања поврзани со животната средина и друго, иновациите во земјоделството и руралниот развој имаат исклучително голема улога за подобрување на квалитетот на живеење на руралното население - истакнува менторката на проектот.



Во изработката на проектот и неговата реализација е вклучен тим од 6 студенти кои се запишани на втор циклус студии од областа на винарството и агроекономијата.