Мими Дучева, најдобар студент на Факултетот за музичка уметност: „Во музиката нема испитни сесии, испитот е секој ден кога треба да седнеш да вежбаш“
Никогаш не ми беше цел да добијам десетка. Но, имав желба да разберам и да сфатам што се случува и што се зборува на секој предмет, па со самото тоа си дојдоа десетките, вели Мими Дучева
Мими Дучева е прогласена за најдобар студент на Факултетот за музичка уметност годинава. Просекот ѝ е 9,90, но вели дека никогаш не бркала оценки. Оваа награда за неа претставува чест, но и одговорност да ја оправда.
- Оваа награда е показател дека доколку се оди по вистинскиот пат, се прави тоа што се сака и лично сме сигурни во тоа што го правиме, наградата следува сама по себе - вели Мими.
Ученик на генерацијата
Во основно училиште била одличен ученик, но не бркала оценки. Била внимателна на часовите и учела и ги запаметувала лекциите.
- Пред тест или испрашување доволно ми беше кратко да повторам и бев спремна. Понекогаш се случуваше наставниците да ме ослободат од тест или писмена поради тоа што често знаев да одговорам на прашања на кои ретко кој друг го знаеше одговорот. Бев расплинета со многу обврски, како од основното така и од музичкото училиште. Од најмало одделение редовно одев на натпревари по пијано, математика, па потоа физика, хемија, француски... Секогаш се враќав со награди, поради што на крајот бев прогласена за ученик на генерацијата. Веќе во седмо одлучив дека ќе се запишам во средно музичко на клавир, со што некако веќе беше истрасиран патот и за студирање. Никој не можеше да ме премисли во мојата желба да се занимавам професионално со клавирот. Во средно училиште се фокусирав повеќе на инструментот, помалку на другите предмети, но оценките не „трпеа“, па повторно и средното го завршив скроз одлична - споделува Мими.
Најсилниот предизвик во студирањето ѝ било пијаното. Се стремела кон тоа секоја програма што ја свири да биде донесена на најквалитетен начин.
- Стимулот за тоа беше, пред сè, музиката, а и блаженото чувство кое се јавува кога имаш шанса да пробаш, да искусиш и да пренесеш барем мал дел од огромното творештво на големи композитори. Пред сè, кога свириш сам дома, а потоа и кога имаш ретка, да не речам единствена шанса да пренесеш и споделиш дел од универзумот кој се случува во дадениот момент со публиката на концерт. Никогаш не ми беше цел да добијам десетка и не се оптоварував со тоа да ми се сите десетки. Но, имав желба да разберам и да сфатам што се случува и што се зборува на секој предмет, па со самото тоа си дојдоа десетките. Се разбира, предметите каде што имаше практична настава - свирење, како пијано, камерна музика, корепетиција - ги завршував со најголем влог, но и најголемо уживање и мотивација - посочува Мими.
Би сакала да иницирам поголема сериозност и почит кон тоа што го работиме
Најголемиот фокус за време на студирањето ѝ бил предметот пијано.
- Тука веќе не стануваше збор да се направи жртва за да се заврши некој испит со десетка. Тука, ние музичарите правиме животна жртва, а истовремено и задоволство. Каде што мораме да водиме еден посебен начин на живот, различен од сите други студенти. Во музиката нема испитни сесии, спремање испити и завршување испити. Испитот е секој ден, кога треба да седнеш да вежбаш, без разлика дали е викенд, дали е распуст, сесија. Без разлика дали ти е денот, дали си расположен, дали имаш милион други обврски, дали си изморен и дали сакаш да се одмориш. А положен „испит“ е секој нов ден, кога ќе седнеш и ќе го посветиш целото внимание, целата концентрација, целата свест на секоја една нота одново и одново - вели Мими Дучева.
Таа е запишана на постдипломски студии на Факултетот за музичка уметност и истовремено работи во приватното музичко училиште „Пијанофорте“ како наставник по пијано. Целта ѝ е никогаш да не престане да свири, да верува и да си го оствари сонот кој го има од малечка - а тоа е да стане концертен пијанист. На работа се обидува љубовта и знаењето за музиката и пијаното да им ги пренесе на децата на кои им предава.
- Би сакала да иницирам поголема сериозност и почит кон тоа што го работиме. Да се тргне секое потценување на професијата. Да се вложува многу повеќе во уметноста вистински, а не да се „замачкуваат“ очи со одредени проекти финансирани од Министерството за култура. Ние, музичарите, да сме многу попосветени на музиката и многу повеќе да ја почитуваме моќта што ни е дадена и на која сме ѝ го посветиле речиси целиот живот, а тоа е моќта на музиката. Да се овозможат подобри услови, подобри инструменти, повеќе места низ целата држава на кои ќе може да концертираме за да можеме да покажеме што сме сработиле и да имаме шанса на подобар начин да го пренесеме тоа - вели Мими.
Во моментот нема планови за заминување во странство. Но, ако продолжи да оди работата во насоката во која е тргната и ако не се сменат од корен речиси сите сегменти на општеството, не мисли дека Македонија има светла иднина кога станува збор за културата и музиката.
- Животот на мнозинството е сведен на преживување од ден за ден, па разбирливо, тука за уметноста (барем онаа со која јас се занимавам) не гледам просперитет - посочува Мими.