Италијански регион нуди 25.000 евра за да се населат нови жители

Италијански регион нуди 25.000 евра за да се населат нови жители

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Прекрасниот италијански регион Молисе нуди 25.000 евра за да дојдат нови луѓе и да живеат во некое од тамошните села.

Молисе се наоѓа меѓу Апенините и Јадранското Море, а е познат по своите национални паркови. И покрај преубавото опкружување, неговата популација драстично опаѓа. Од 2014 година бројот на жители се намалил за 9.000, а во девет града што се наоѓаат во областа минатата година не се родило ниту едно дете.

Градоначалникот на општината, Донато Тома, објави дека секое село со помалку од 2.000 жители ќе дава по 700 евра месечно во период од три години за сите што ќе се преселат и ќе живеат во оваа област и ќе почнат некој бизнис или компанија.

- Може да работат што било, да отворат пекарница, продавница за канцелариски прибор, ресторан... Тоа е начин да му вдахнеме живот на нашиот град, а со тоа и да ја зголемиме популацијата - изјави Донато Тома.

Освен тоа, тој вети дека секој град ќе добива по 10.000 евра месечно за подобрување на инфраструктурата и културните понуди.

- Не станува збор само за зголемување на населението. Луѓето мора да имаат и инфраструктура и причина да останат, инаку за неколку години повторно ќе се најдеме во истата ситуација - додава тој.

Молисе не е сам, добар дел од Италија се бори со пад на популацијата, а на подрачјето на цела Италија бројот на жители од 2014 до 2018 година падна за 677.000. Моментално во Италија има 55 милиони жители, што е најниска бројка во последните 90 години.

Молисе не е прв италијански регион што на овој начин се обидел да ја зголеми својата популација. Пред две години селото Бормида на северозападот од државата нудело 1.600 евра за секој што сакал да се пресели таму. Претходно оваа година Мусомели во Сицилија продаваше напуштени куќи за две евра, под услов купувачите да ја реновираат.

Италија не е единствена европска земја каде што старее населението. Иако се проценува дека популацијата на Европа ќе се зголеми до 2070 година, бројот на работоспособното население, според истите процени, ќе опадне за 41 милион.