Вид црви би можеле да бидат решението за проблемот со отпадната пластика

Вид црви би можеле да бидат решението за проблемот со отпадната пластика

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Не можете да го поднесете загадувањето со пластика во океаните? Брашнарските црви можат, и тоа буквално.

Брашнарските црви се ларви на вид бумбар. Тие растат до 2 сантиметри, а научниците веќе одреден период знаат дека тие може да јадат некои видови пластика. Истражувачите сега учат што се случува во внатрешноста на овие црви додека јадат пластика.

Би биле потребни од 3.000 до 4.000 брашнарски црви неделно за да изедат една чаша за кафе од стиропор. Бактериите што живеат во цревата на црвите ја разградуваат пластиката, објаснува Ања Малави Брендон, студент на Универзитетот „Стенфорд“.


Фото: Freepik

Кога брашнарските црви јадат полистирен, материјалот што се користи во стиропорот, тие исфрлаат половина од изеденото како јаглероден диоксид, а половина како делумно разградени честички. Учењето на биологијата на овие црви може да покаже нови начини за справување со отпадната пластика.

Брендон била дел од тимот што минатата година објавил истражување во кое се покажува дека брашнарските црви може да јадат полистирен и полиетилен, еден од најчесто користените материјал за пластика што се користат и денес. Во истражувањето се дознало дека црвите ги исфрлаат токсичните хемикалии што се во пластиката и затоа може да се користат како храна за добиток.


Фото: Freepik

Истражувачите сега успеале да ги изолираат бактериите што ја јадат пластиката во црвите и да ги тестираат надвор од телото на црвот. Се покажало дека овие бактерии претходно биле познати по разградувањето на други хемикалии. Ова значи дека други бактерии можеби го имаат истото својство.

Загадувањето со пластика е еден од најитните еколошки проблеми со кои се соочува светот. Се проценува дека количеството пластика што се фрла во океанот може тројно да се зголеми, на 29 милиони тони годишно до 2040 г. Брендон вели дека е потребен систем за собирање и третирање на делумно разградената пластика која ја исфрлаат црвите доколку тие се користат за справување со отпадната пластика.

Автор: Том Пејџ
Извор: Си-ен-ен