Влијанието на ВИ врз издавачката дејност: се воведува етикета „Напишано од човек“
Поради брзиот напредок на вештачката интелигенција, линијата помеѓу содржината создадена од човекот и онаа од вештачката интелигенција станува помалку јасна. Воведувањето специјална ознака, предложена од професионално здружение на писатели, треба да помогне во разликувањето на човечката од машинската работа. Секако, целта е да се истакне човечката креативност во свет кој станува сѐ поавтоматизиран.
Подемот на книгите создадени со вештачка интелигенција
Развојот на напредни јазични модели и на вештачката интелигенција доведе до зголемување на бројот на книги создадени од вештачката интелигенција на дигитални платформи, на пример, „Киндл“ на „Амазом“. Иако „Амазон“ бара од авторите да откријат дали нивната работа е генерирана од вештачка интелигенција, оваа информација не е секогаш јасно видлива за потенцијалните купувачи.
Здружението се бори и на суд: минатата година покрена колективна тужба против „Опен АИ“ за прекршување на авторските права. Во тужбата се наведува дека технолошката компанија незаконски користела книги за да го учи „Чет-ГПТ“.
Ознака „Напишано од човек“
Ознаката е дизајнирана да наликува на етикети за книжевни награди по големина и позиција, овозможувајќи им на читателите лесно да ги идентификуваат книгите напишани од човек. Оваа иницијатива е особено важна за новите автори, кои сакаат да ја истакнат својата работа на пазар кој веќе е заситен со содржина генерирана од вештачка интелигенција.
Извршната директорка на Здружението, Мери Разенбергер, вели дека сертификацијата ќе послужи како индикатор за квалитетот во онлајн книжарниците, кои се преплавени со содржина создадена од вештачка интелигенција.
- Мислам дека тоа е особено важно за пазарите на дигитални книги како „Киндл“, каде што ќе видите многу книги генерирани од вештачка интелигенција - вели таа.
Успехот ќе зависи од самите автори
И покрај добрата идеја, имплементацијата нема да биде едноставна. Здружението на автори во моментов нема начин да потврди дали делото е навистина напишано од човек, па затоа се потпира на искреноста и изјавите на авторот и извештаите на заедницата. Успехот на етикетата на крајот ќе зависи од самите автори, додека не се воведе технологија за автентичност на делото.
Потребен е систем за препознавање
Зголемената потреба за транспарентност во врска со потеклото на креативните содржини може да доведе до развој на универзален систем за етикетирање кој јасно ќе ги разликува делата создадени од човек од оние генерирани од вештачката интелигенција. Таквиот систем би можел да опфати книги, слики, музика, филмови и други форми на уметничко изразување.
Извор: bug.hr
Фото: The Authors Guild