Ова се најнесигурните градови во Европа, според жителите
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Каде Европејците се чувствуваат небезбедно? За да дојдеме до одговорот на ова прашање, треба да ги погледнеме резултатите од индексот на криминал на „Нумбео“, кој открива како луѓето ја перципираат безбедноста во нивниот град, од средината на 2025 година. За разлика од официјалните статистики за криминал, овој индекс го отсликува чувствата на јавноста преку истражувања направени со голем број луѓе.
За индексот се користи скала од 0 до 100, врз основа на исказите на жителите за искуствата и перцепциите. Истражувањето покрива неколку аспекти на криминал:
-генерална перцепција на нивоата на криминал,
-перципирана безбедност дење и ноќе,
-загрижувања за одреден криминал (грабеж, кражба на автомобили, физички напади итн.),
-тежина на криминал на имот (разбивање, кражба, вандализам),
-тежина на насилен криминал (напад, убиство, сексуални престапи).
Повисоките вредности посочуваат на посилно чувство на несигурност меѓу жителите. Еве како да ги толкувате резултатите:
-многу низок криминал: 20 и помалку;
-низок криминал: 20,01-40;
-умерен криминал: 40,01-60;
-висок криминал: 60,01-80;
-многу висок криминал: над 80.
Според последните рангирања од средината на годинава, петте најопасни градови во Европа се Брадфорд (Обединето Кралство), Марсеј (Франција), Ковентри (Обединето Кралство), Бирмингем (Обединето Кралство) и Неапол (Италија).
Од регионот на листата се најдоа два града од Грција: Атина, која е на 16. позиција, и Солун, кој е на 23. место.
Мора да се напомене дека ова рангирање е направено според перцепцијата на граѓаните, а не според статистиките за криминал.
Извор:
Visual Capitalist
Насловна фотографија: Pixabay