Науката потврдува: Земјата има повеќе месечини

Науката потврдува: Земјата има повеќе месечини

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Два масивни облаци од прашина во орбитата околу Земјата се предмет на дискусија со години и конечно се докажа дека постојат.

По повеќе од 50 години дебата и контроверзии, научниците го потврдија постоењето на две месечини или псевдосателити создадени од прашината што орбитира околу Земјата. Научниците тврдат дека локацијата на овие облаци од прашина им дава уникатни карактеристики.

Што се тие?


Облаците на Кордилевски се два облаци од прашина што првпат ги набљудувал полскиот астроном Казимиерз Кордилевски во 1961 година. Тие се наоѓаат во две од Лагранжевите точки во орбитата на Земјата. Овие точки се места каде што гравитацијата на два објекта, како што се Земјата и Месечината или планета и Сонцето, е еднаква на центрипеталната вредност потребна за орбитирање на објектите додека престојуваат во иста релативна положба.

Постојат пет од овие точки помеѓу Земјата и Месечината. Облаците се наоѓаат на она што се нарекуваат точка четири и пет, формирајќи триаголник со облаците и Земјата на три агли. Облаците се огромни, заземајќи го истиот простор на ноќното небо како 20 Месечеви диска, покривајќи површина од 72420 километри. Тие се околу 400.000 километри оддалечени. Целосно се составени од прашина што ја рефлектира светлината на Сонцето, толку бледо, што повеќето астрономи што ги бараат не можат воопшто да ги видат.

vselena
Фото: G. Horváth


Самите облаци се антички, но моделите што научниците ги создале за да научат нешто за нив покажуваат дека индивидуалните честички на прашината можат да бидат издувани од Сончевиот ветер и заменети со прашина од други космички извори, како опашките на кометите. Ова значи дека облаците тешко се движат, но вечно се менуваат.

Како го откриле ова?


Во истражувањето унгарските астрономи Џудит Слиз-Балог, Андрас Барта и Габор Хорват опишале како успеале да ги пронајдат облаците користејќи поларизирани леќи.

Бидејќи се очекува облаците да ја поларизираат светлината што се одбива од нив, со конфигурирање на телескопите да бараат таква светлина, облаците станале многу полесни за забележување. Она што научниците го набљудувале било во согласност со предвидувањата на нивниот математички модел, со што ги отфрлиле другите можни извори.

Зошто дури сега дознаваме?

Со тоа што се облаци од прашина, тие се бледи и тешко може да се видат. Додека Кродилевски ги набљудувал во 1961 година, други астрономи гледале на истото место и дале мешани извештаи во наредните децении. Ова обесхрабрило многу астрономи да се придружат во потрагата.

Дали ова ќе има некакво влијание врз патувањето во вселената?


Лагранжевите точки се изнесени како одлични локации за вселенска станица или сателити како телескопот „Џејмс Веб“. Бидејќи научниците знаат за облаците, тоа може да им заштеди пари и живот во иднина, зашто прашината би можела да ја оштети чувствителната опрема.

Иако откривањето на неколку облаци од прашина можеби не изгледа толку импресивно, тоа е резултат на полувековниот астрономски и математички труд и нѐ потсетува дека чудата остануваат скриени во нашата вселена.