Д-р Васко Шутаров: Ние мораме да ја освојуваме публиката во Париз, Берлин, Рим или во Москва со нашето највредно - културата

Д-р Васко Шутаров: Ние мораме да ја освојуваме публиката во Париз, Берлин, Рим или во Москва со нашето највредно - културата

Подготвил: С.Ѓ.

Лектор: Ивана Кузманоска

Книгата „Културната дипломатија на СФРЈ и културните дипломатии на државите-наследнички“ од д-р Васко Шутаров ќе биде промовирана вечерва во 19:30 часот во „Јавна соба“ во Скопје. За делото ќе зборуваат проф. д-р Јован Ананиев и проф. д-р Јадранка Денкова од Правниот факултет во Штип. Ова дело е резултат на подолго научно истражување и докторски труд на авторот.

Книгата во најголем дел содржи истражувања поврзани со културолошките маркери на зближување и разидување на културите на југословенските републики и покраини, како и актуелните состојби на културолошки план помеѓу новосоздадените држави. Шутаров нагласува дека книгата не претендира на една и единствена вистина за причините за распадот на Југославија, но укажува на исклучително важното влијание што културата го имаше во тие процеси.


Д-р Васко Шутаров (фото: МИА)

Културната дипломатија може ненаметливо да постигне резултати во стекнувањето препознатливост, доверба, наклонетост или партнерски и пријателски релации, вели во интервју за МИА, Шутаров, кој е доктор по политички науки, поранешен пратеник и дипломат со повеќегодишно искуство во креирањето и практикувањето културни политики и културна дипломатија на државата. Лично и професионално тој е убеден дека преку истражувања во културата може да се осознаат најзначајните политички и економско-социјални процеси, како и влијанието на културата врз нив.



- Им предочувам на читателите еден непознат пример за пошироката јавност, но исклучително илустративен за дејствувањето на југословенската културна дипломатија. Во години на изолираност од тогашниот Источен блок предводен од СССР и во години на изразена скепса на Западот кон демократските капацитети на тогашна СФРЈ, Јосип Броз Тито и тогашното југословенско раководство му доверуваат, а набргу и прифаќаат иницијатива на Мирослав Крлежа за организирање изложба со наслов „Југословенска уметност” во „Гран Пале“ во Париз во 1953 година. Првпат во тогаш најголемата европска културна престолнина се претставени заедно колекција од најдобри српски средновековни фрески, колекција од хрватската романтична скулптура и репрезентативни примероци од босанските стеќци. Културата е најсигурен и најмоќен инструмент во стекнувањето симпатии и наклонетост кај странската публика, но, пред сè, публиката во светските и европските центри на моќ, каде што се креираат сите актуелно важни глобални процеси - вели Шутаров.

Тој е категоричен дека на Македонија ѝ треба стратешки добро осмислена културна дипломатија која, особено во европските центри на моќ, континуирано ќе ги промовира вредностите на нашето бесценето културно наследство и естетиката на современото културно творештво.

- Ние мораме, а го можеме тоа, да ја освојуваме публиката во Париз, Берлин, Рим или во Москва со она што е највредно и најмоќно во нашата легитимација во светот – убеден сум дека е тоа нашата култура - вели авторот.