Трудот на млад босански лекар прогласен за најдобар од 207 истражувачки трудови

Трудот на млад босански лекар прогласен за најдобар од 207 истражувачки трудови

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Д-р Един Бегиќ, специјализант на кардиологија во општата болница „Примариус доктор Абдулах Накаш“ и асистент во Сараевската школа за наука и технологија, доби важно признание во Љубљана.

Неговиот труд на Меѓународниот натпревар „Медис“, во конкуренција од 207 истражувачки трудови, беше прогласен за најдобар во областа на неврологијата.

Научници од девет земји од Средна и Југоисточна Европа учествувале на конкурсот во девет области на медицината: фармација, интензивна медицина и анестезиологија, гастроентерологија, гинекологија, неврологија, ревматологија, офталмологија, педијатрија, пулмологија и алергологија.

Одлуката за победникот ја донело меѓународното стручно жири под водство на угледниот словенечки ревматолог професор д-р Матије Томшича. Прво биле избрани 20 финалисти, а потоа биле прогласени девет победници од одредени медицински области.

Наградата ја добил за истражување што го правел со соработниците, а со кое откриле дека индикаторот за срцевата слабост, Б-натриуретичен пептид, исто така може да биде показател за когнитивно оштетување кај Алцхајмеровата болест.

- Денес, науката е на маргините и овие работи не се толку интересни, а кога ќе ве препознае некој во оваа маса, па и ќе ве спои со колегите што слично работат и размислуваат, тоа секако е убава работа - изјави д-р Бегиќ по освојувањето на наградата.

Области на работа на младиот доктор се кардиологија, фармакологија и медицинска информатика, а тој веќе има освоено повеќе награди. Иако е роден во 1990 година, веќе има објавено 50 публикации, во кои учествувал со други колеги. Зад него се десетици научни конференции, предавања и семинари.

Освен него, меѓу финалистите на натпреварот од областа на интензивна медицина и анестезиологија беше и д-р Амра Шакушиќ, доктор од Клиниката за белодробни заболувања на Универзитетскиот клинички центар во Тузла, а финалистка од областа за фармација беше Азра Узуновиќ. доктор од јавната установа „Меѓународна аптека Витез“.