Нова студија го поврзува загадувањето на воздухот со повисоки стапки на рак на главата и на вратот

Нова студија го поврзува загадувањето на воздухот со повисоки стапки на рак на главата и на вратот

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Една неодамнешна студија објавена во списанието „Научни извештаи“ ги поврзува повисоките нивоа на загадувачки честички со поголемиот број појави на карцином на главата и на вратот. 

Студијата е дело на истражувачи од Државниот универзитет „Вејн“, Универзитетот „Џонс Хопкинс“ и „Мас Џенерал Бригам“ (непрофитен, интегриран здравствен систем, кој се занимава со медицински истражувања, настава и грижа за пациенти).

Студијата ја воделе проф. д-р Џон Крамер, вонреден професор по отоларингологија и д-р Џон Пелеман, медицински стажант на Одделот за отоларингологија на Медицинскиот факултет при државниот универзитет „Вејн“.

- Имаше претходно истражување за загадувањето на воздухот, но ефектите беа главно поврзани со ракот во долниот респираторен систем. Ракот на главата и на вратот е потешка врска за прикажување и многу помалку се појавува отколку ракот на белите дробови, но бидејќи и овие видови се јавуваат како резултат на пушење, слично на ракот на белите дробови, сакавме да истражиме каква било поврзаност. Веројатно, врската со ракот на главата и на вратот доаѓа од она што го дишеме, со тоа што тој материјал влијае врз слузницата во главата и вратот. Гледаме многу појави каде што канцерогените материи допираат или се собираат во телото до местото каде што може да се појават канцери - истакнал Крамер.

Нивното истражување користело податоци од националната база на податоци за рак - Американска епидемиологија и крајни резултати (SEER) од 2002 до 2012 година. Крамер забележал најголема поврзаност помеѓу овој тип на изложеност на загадување со ракот на главата и на вратот, по период од пет години. Тие се фокусираа на ПМ2,5 честичките и нивниот ефект врз инциденцијата на аеродигестивниот рак на главата и вратот.

- Разгледуваме одредена големина на честички од загадувањето на воздухот. Големината на честичките е релевантна бидејќи класичниот модел за проучување на горните дишни патишта е дека носот и грлото дејствуваат како филтри пред материите да влезат во белите дробови. Поголемите честички се филтрираат, но ние сметаме дека различни видови загадувачи погодуваат различни делови на дишните патишта - вели Крамер.

Тој се надева дека со прикажување на ова истражување во јавноста би можело да се помогне во креирањето на третманот во иднина.

- Здравјето на животната средина и личното здравје се нераскинливо поврзани. Нашата студија ја нагласува потребата од подобрување на стандардите за квалитетот на воздухот, со цел да се намали ризикот од развој на рак, вклучително и рак на главата и на вратот - заклучила д-р Аманда Дилгер, коавтор на студијата.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik