Писателот, сликар и новинар Христо Петрески открива: „Пишувам со слики, а сликам со бои“

Писателот, сликар и новинар Христо Петрески открива: „Пишувам со слики, а сликам со бои“

Подготвил: Никола Петровски

Лектор: Ивана Кузманоска

Наградите го свртуваат вниманието на јавноста и читателите кон книгите. И кога се само хартија без пари или други придружни додатоци, наградите кажуваат кој си ти. Всушност, што си работел и сработил. Јас се радувам на наградите и признанијата, тие ми значат, зрачат и ме одржуваат во живот. Наградите се стимул, но и обврска, вели Петрески

„Подобро полош на нов начин отколку добар на стариот и веќе виден и доживеан начин. Подалеку од рутината и баналноста!“, вели уметникот, проф. д-р Христо Петрески, кој неодамна се закити со поетската награда „Караманов 2021“ за неговото најново дело „Пергамент“. Петрески е познат по тоа што кокетира со повеќе уметнички гранки, а последната добиена награда е само една од низата признанија што ги има добиено на полето на литературата, сликарството и новинарството, добар повод за разговор со Факултети.мк.

- Работев во печатени и електронски медиуми. Некои велат за радиото и телевизијата – во етер и во ветер. Јас најмногу работев и работам во печатените медиуми. Сакам да оставам трага зад себе, и во снегот, но и во прашината и калта - вели Петрески.

Книжевноста, односно пишувањето е неговата прва уметничка љубов. Петрески има издадено над 30 дела, почнувајќи од 1979 година, откога датира и неговата прва објава, поетската книга за возрасни „Огледало“. Од писателски аспект, доволно е да му се споменат наградите „Ацо Шопов“, „Рациново признание“, „Иво Андриќ“ и низа други. На новинарското поле, Петрески бил новинар и уредник на редакциите на „Студентски збор“, „Млад борец“, „Радио Скопје“ и „Нова Македонија“, како и дописник и колумнист за низа печатени медиуми. За новинарската работа се има закитено со признанието „Крсте Петков Мисирков“.




- Наградите го свртуваат вниманието на јавноста и читателите кон книгите. И кога се само хартија без пари или други придружни додатоци, наградите кажуваат кој си ти. Всушност, што си работел и сработил. Јас се радувам на наградите и признанијата, тие ми значат, зрачат и ме одржуваат во живот. Наградите се стимул, но и обврска. Последната награда „Караманов“, но и сите други награди што се овенчани, односно носат име на конкретна личност, се чест и гордост зашто и Караманов, Рацин, Шопов, Мисирков, Андриќ, Гогољ, Делчев, Ванчо Николески, Васил Куноски, Јован Котески, Крсте Чачански и други ги красат имињата на наградите што веќе сум ги добил -додава Петрески.

Татко ми ми раскажуваше приказни и тој е најзаслужен за моето пишување

Петрески вели дека отсекогаш сакал да стане тоа што е денес, а тоа е писател. Татко му е најзаслужен за всадувањето на љубовта кон пишаниот збор кај него уште од најмала возраст, успивајќи го со раскази пред спиење.

- Прво ме привлече книжевноста, литературата, односно пишувањето. Најзаслужен за моето пишување е татко ми, кој прекрасно ми раскажуваше приказни пред спиење. Мислам дека тој најмногу и најдобро ја пробуди фантазијата кај мене. Отсекогаш сакав да станам писател и други да ги читаат моите творби. За среќа, тој сон ми се оствари! Станав писател, но и издавач. Голем е бројот на писателите и сликарите на кои се е угледував, како Хармс, Борхес, Кортасар, Андриќ, Конески, Јаневски, Матевски, Анте, Гане, Вангелов, Клетников, Плевнеш... А од сликарите црпев инспирација од Микеланџело, Пикасо, Дали, Вангел Наумовски, Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Борко Лазески, Касиопеја Наумовска, Илија Кочовски, Димитар Малиданов, Сергеј Андреевски, Рубенс Корубин, Коџоман помладиот...




Почнав да сликам кога сакав да намалам со пишувањето


Петрески не ги двои пишувањето и сликањето, велејќи дека крајната цел во двете дејности е иста, само што се користат различни средства. Со неисцрпен интензитет на пишување, оној момент кога Петрески ќе почувствувал дека писателски стагнира и се повторува, се насочувал кон другата уметничка дејност, а во неговиот случај тоа е сликарството, барајќи нова искра на инспирација.

- Пишувам со слики, а сликам со бои. И едното и другото се испреплетуваат и надополнуваат. Средствата се различни, но иста е целта. И на едниот и на другиот начин моите раце се само трансмисија на мислите, плановите, намерите, размислувањата, согледувањата, загриженоста, радостите... Порано (за)пишувавме на хартија, а сега во фајлови и фолдери. Техниката е различна и таа само служи во запишувањето и овековечувањето. Една мисла и идеја ако не ја запишете веднаш, исчезнува, се заборава, но и се трансформира, па никогаш веќе нема да го добие првичниот (најдобриот и единствениот) изблик и облик.



Во пишувањето и во сликањето е лесно да се изразите, исто колку што е и тешко. Почнав поинтензивно да сликам кога сакав малку да намалам со пишувањето (и обемот и темпото) за да не се повторувам и преповторувам, односно препишувам себеси. Штом забележите рутина во која било работа, тоа е најдобар сигнал да ја промените, па и сосема да ја смените. Подобро полош на нов начин отколку добар на стариот и веќе виден и доживеан начин. Подалеку од рутината и баналноста - порачува Петрески.

Фото: приватна архива